Единствената опција на Македонија

Кога после сето ова некој – во име на спас на државата – блокира закон за употреба на јазици или решавање на спорот со името, станува директно виновен за иднината на нашите деца.

552

Деновиве, како дел од една делегација на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците, бев во неколкудневен престој во САД. Впрочем, кога си надвор од своето јато, имаш можност да развиеш поинаква перспектива за себе и за својата земја. Имено, една Америка, која поминала низ граѓанска војна и борба за соединување, која ја надминала борбата со расизмот, која поминала низ различни светски војни, која има десетици различни етнички и верски заедници, која сè уште е вклучена во неколку воени жаришта за зачувување на мирот и поредокот, меѓу другото и во нашето соседство во Косово, постојано успева да се воздигне над сиве овие предизвици и да биде успешна и стабилна земја, дури и суперсила во планетарни размери, според која се мери и успешноста на целата планета.

Звучи чудно и, дури, невозможно, како успева една држава, организирана во 52 федерални држави, со 9.833.520 квадратни километри површина, со 325 милиони жители, а да има БДБ од 59.501 долари по глава на жител. Само за споредба, Република Македонија има 25.713 километри квадратни, има популација од малку повеќе од 2 милиони, а БДП по глава на жител изнесува 15.977 долари.

На работ на сиромаштијата

За еден млад човек, кој денес завршува факултет во Република Македонија, идеал е да има работа, која ретко може да му донесе плата поголема од 500 евра (обично е 300-400 евра), добиена обично со некој „бакшиш“, а со која сепак тешко може да сонува да има свој сопствен дом, пристојно возило, добра облека, годишни одмори, посети на различни историски места во светот или некој друг помал лукс. А, да не заборавиме дека за да ја добие таа работа мора да истрча на неколку избори за некоја партија, да се докаже дека е лојален, целото негово семејство треба да биде активно на изборни кампањи и цел век да им биде благодарен на тие што му ја овозможиле таа „солидна“ работа.

Тој речиси во никој случај не може да мисли за некоја специјализација, за научно наградување, за напредување во работата и за зголемување на платата. Со ваква судбина, со која се соочува секој втор млад човек кај нас, сигурно е дека тој нема да ја засака својата државата и ќе сака да бега таму каде би имал подобри можности, покоректен однос на државата спрема него и во која тој би можел да се истакне и да биде успешен со своите способности, без разлика на етничката, политичката и религиозна припадност.

Ги истакнувам овие факти не дека се непознати и дека ова е некое откривање, туку затоа што мислам дека кај нас ненормалните работи полека ни стануваат нормали, дури ние се бориме за нивно опстојување, притоа заборавајќи дека тоа за што ние се бориме практично е работ на сиромаштијата. И, замислете за миг, за таа сиромаштија некои политичари кршат копја, уценуваат, се развикуваат, ветуваат сè и сешто, сè со цел да ги придобијат тие гласови и така да владеат. Чуму власт над ваква сиромаштија и на ваква перспектива?

Додека во Америка младите се борат за поквалитетни универзитети, за научно и стручно усовршување од највисоко ниво, за различни квалификации и обуки, кај нас младиот човек има повеќе од скромни барања – работа со една скромна плата за опстанок. Кога ја гледаме оваа гола вистина, која сигурно боли, секој кај нас би требало да се чувствува, на некој начин, виновен што се наоѓаме во вакво дереџе.
Политичарите би требало да имаат чувство на вина, бидејќи тие имале директна можност да ги подобрат состојбите, а не го направиле тоа. Интелектуалците треба да имаат грижа на совест што не биле на ниво на својата задача за да ги посочат ваквите појави и да го воздигнат нивото на очекувањата на граѓаните, но на некој начин и самите граѓани се виновни, бидејќи тие со својот глас ја кроеле својата судбина. Независно од тоа што некој може да каже дека биле манипулирани, големата вистина е дека шумата нема право да се жали од секирата, бидејќи од своите дрва им ја дал рачката на дрвосечачите.

Споменици наместо перспективи

И, кога сме тука, кога младите се пред иселување, секоја друга опција што може да им ја врати надежта, ќе биде поддржана. Во таа насока, референдумот, со чиј успех се очекува членство во НАТО и, следствено, економска перспектива, сигурно ќе биде прифатен и поддржан токму од младите, бидејќи тие кои повикуваат за „спасување“ на Македонија од „предавниците“, пред се, треба да знаат дека за младите најголеми предавници се тие што има ја уништуваат иднината.

Да нудеше некој друг порано подобра перспектива, економски развој, просперитет и благосостојба, можеби би имал право да повика на одбивање на референдумот, ама кога со години си бил на власт и си имал можност да градиш перспектива, а ти си градел бетон, споменици и фасади, си ја потрошил можноста да се повикуваш на такви високи идеали.

Иако никој не е потполно сигурен дека со успехот на референдумот и членството во НАТО, како и отворањето на преговорите за ЕУ, кај нас ќе почне да цути, ама сите сме сигурни дека подолу од тоа што било досега нема да биде. Ние стигнавме на дното. И, кога после сето ова некој – во име на спас на државата – блокира, замислете, закон за употреба на јазици или блокира решавање на спорот со името, станува директно виновен за иднината на нашите деца. Каде беа тие патриоти да блокираат бетонизација и споменизација на Скопје со милијарда евра, на кои сега им текнало дека треба да ја спасат државата? Не велам дека немаат воопшто право да имаат свое мислење, дури и забелешки и несогласувања, ама со тоа што кога на младите им се кроела перспективата тие молчеле, така го губеле и моралното право сега да бидат „спасители“.

Затоа ние мора да изнајдеме решение за перспектива и успех. Инаку сите ќе бидеме пак виновни и идните генерации нема да ни го простат тоа. И, не дека нема подобра можност, туку сега-засега постои само оваа можност, за која сепак треба и повеќе смелост и одлучност. Младите го очекуваат тоа од нас.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...