Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии (IFIMES) со седиште во Љубљана, кој редовно ги анализира настаните на Блискиот исток и Балканот деновиве, поточно на 2 јуни, објави анализа под наслов „Република Македонија 2018: Духот на Македонија се шири во регионот“.
Дека не станува збор за пригоден текст треба да се потсетиме на дебатите кои редовно ги организира овој Институт на тема на актуелните политички процеси во регионот на кои неодамна учествуваа, секој посебно. Претседателот на Владата и претседател на СДСМ Зоран Заев и претседателот на опозиционата партија, ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Ако се има во вид дека на вакви средби во овој Институт порано настапувале и други компетентни аналитичари и професори од Македонија и регионот, тоа само по себе зборува дека станува збор за систематско следење и анализирање на политичките процеси во случајов во Р. Македонија во еден по долг период а не за импровизација со ограничена намена.
Во анализата се констатира дека новата Влада на Р. Македонија стана носител на нови позитивни политички процеси не само во Р. Македонија, туку и на целиот Западен Балкан. Исто така, се нагласува важноста на ставовите на премиерот Зоран Заев за соработка со опозиционите партии и остварување на општ консензус низ проектот „Партнерство за Македонија“, како визија и израз на нова политичка култура на македонската политичка сцена и пошироко, поентирајќи дека „дека духот на Заев се шири во регионот“.
На македонската политичка сцена мислењата за новата политика како носител на позитивни политички процеси се поделени. Меѓутоа, поделеноста не е одраз на разлики на дефинирани политички програми туку сѐ повеќе израз да се заборави тешкото бреме на минатото кое силно ги оптоварува толку потребните промени на програмите на политичките партии од опозицијата која во такви услови својот настап го насочува кон директно дискредитирање на лидерот на СДСМ, а со тоа и на политиката на дијалог меѓу клучните политички субјекти. Во настапот на опозицијата владее двојство. Од една страна опозицијата се декларира како доследен следбеник на стратегиската определба на Р. Македонија кон евроатлантските интеграциони процеси, а од друга како критичар кон сѐ она што е услов за остварување на тие процеси. Така договорот за добрососедство и соработка со Бугарија се напаѓа како едностран, а со тоа и штетен за македонските национални интереси поради откажувањето од заштитата на македонското национално малцинство во Бугарија, а при тоа се заборава дека основен критериум за влез во ЕУ е земјите да ги имаат решено сите билатерални спорови со соседите. Ист, дури уште пожесток, е нападот за преговорите со Грција за промена на името, иако на недамнешната посета, генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, од говорницата во Скопје беше категоричен дека тоа е услов за Р. Македонија да добие покана за членство во НАТО. Се заборава дека добрососедството не се подарува, туку за него треба да се избориш, што е примарен интерес за Македонија низ историјата и денес. Сигурно е дека сето тоа има цена, но дали таа е поголема од загрозување на иднината на Р. Македонија.
На внатрешната политичка сцена опструкцијата на претседателот Иванов да не го потпишува Законот за јазиците уште повеќе ја поттикнува нестабилноста на и онака, тенката состојба во меѓунационалните односи и во услови кога партиите неретко освен национализам и етноцентризам немаат што друго да му понудат на избирачкото тело во борбата за освојувањето на власта.
Поново, новата политика на Заев, дефинирана како едно општество за сите е соочена со тешкотии за остварување на дијалог и консензус, фактор кој е значаен и за државно–правниот опстанок на Р. Македонија. Старите националистички синдроми и поделбите сѐ уште не се мртви на Западниот Балкан, но со нив нема влез во ЕУ.
Ризиците се огромни, но иднината им припаѓа на храбрите кои се одлучни да ја менуваат сегашноста за излез од заглавеноста во балканската крчма.