Еден поглед кон историјата заради сегашноста

Кризите во партиите секогаш се јавуваат како последица на долг период на автократско владеење како и во оној момент кога раководните структури заробени во сопствените но и туѓите интереси немаат капацитет за нов из чекор за остварување на стратешките интереси на народот.

922

На 25 јуни 1933 година уште во раните утрински часови Софија била блокирана, по улиците крстареле одреди на војската и полицијата, забрането им било на граѓаните да излегуваат по улиците, а билe приведени над 3 000 лица. Од нив најмногубројни биле лицата од редовите на македонските организации-1104, според незванични податоци на полицијата. На приведените лица им биле изрекувани казни и веднаш биле упатувани во посебни логори. Во градот Карлово биле затворени истакнати личности на македонското движење но пред се од левицата оставајќи така простор на михајловистите да се пресметуваат со своите противници. Така по улиците на Софија продолжила крвавата драма на убиства по налог на Ванчо Михајлов подржан и од бугарскиот воен министер генералот В‘лков.

На 19 мај Владата на Народниот блок била соборена и по извршениот удар Звенарите и Воената лига формирале Влада на чело со Кимон Георгиев. Првата мерка која ја донесла новата Влада била пензионирање на генералот В‘лков, донесена е одлука за административно – територијлна поделба на Бугарија која имала за цел целосно да се интегрира Пиринска Македонија која била изложена на жесток терор од страна на приврзениците Ванчо Михајлов, а донесена била и одлука за распуштање на Комитетот на ВМРО под власт на Михајлов.

По овој повод Петко Пенчев директор на ново формираната институција Дирекција за општествена обнова, инаку познат како бугарски Гебелс изјавил: Со ВМРО е свршено. Таа е распуштена и бидете уверени, а тоа е потребно да го знаат и сите соседи на Бугарија дека повеќе никогаш нема да дојде до погранични инциденти.

Претседателот на владата Кимон Георгиев на 12 јули изјавил: Применувајќи ја точката 14 од владината декларација, Владата ја укина опсадната состојба во Петричкиот округ, ја растури македонската револуционерна организација и го конфискува целокупното оружје на оваа Организација. Минувам на срамно и жалосно минато. Имаше цели области во кои државниот суверенитет беше само фикција.. По улиците на Софија секој ден се вршеа убиства. Се отиде до таму од револвер да се премине на карабин, машински пушки и бомби. … Сетете се на присилното одвлекување на бугарските граѓани… Количината на собраното оружје сведочи за опасноста на која била изложена нашата држава…

Во Петричкиот крај била извршена целосна промена на органите на власта, а посебно биле протерани оние кои биле поврзани со михајловистите. Запленето било големо количество на оружје и муниција кои припаѓале на ВМРО (преку 10 938 пушки, 47 митралези, 647 револвери, 15 автоматски пушки, 3 фрлачи на гранати, 7 767 бомби, преку 701 308 куршуми), а разоружени биле и оние кои се обиделе да се засолнат во планините Пирин, Огражден, Беласица. Бугарската полиција успеала да ја открие илегалната печатница на весникот на ВМРО- Слобода или смрт и да уапси голем број на водачите на организацијата на Иван-Ванчо Михајлов. По голем дел била распишана потерница, а Окружниот суд на Софија донесол одлука со која Иван-Ванчо Михајлов, К. Дрангов, Д. Медаров, А. Аргиров, В. Черноземски и Д. Стефанов биле прогласени за престапници и злосторници. Иван – Ванчо Михајлов со својата сопруга М. Крничева илегално пешки ја преминува граница и бега за Турција.

Трагичен крај за една Организација чии основачи во 1893 година се носеле со идеалите за Слободна и независна Македонија за кои голем дел од нив ги положиле и своите живот.

Секако од историска дистанца причините за распадот на Организацијата треба да се бараат во повеќе правци.

Прво македонското национално движење од самиот негов почеток како организирано национално движење со пред знак македонско се соочи со жесток притисок од страна на големо националистички проекти на соседните земји а пред се на Бугарија која го формира Врховниот комитет и со тоа ги отвори процесите на внатрешни поделби во Организацијата кои ќе опстојат се до нејзиното укинување во 1934 година но и потоа. Расколот се интензивира преминувајќи во отворен сукоб и ликвидирање на противниците пред и по Илинденското востание за да дојде до полн израз на Рилскиот конгрес. Трагедијата на синдромот на самоуништувањето во периодот од 1918 до 1934 кога на чело на Организацијата се Тодор Александров, а посебно Иван Ванчо Михајлов (1924 до 1934) се уништува идеалите на основоположниците и го претворија Движењето во терористичка организација.

Поделбите не беа само борба за власт туку и жесток судир помеѓу оние кои се бореле за идеалите за самостојна и независна Македонија и оние кои движењето го ставија во функција на интересите на Бугарија во нај критичните периоди – Балканските и Првата светска војна, за поделба на Македонија. Бугарија со Меѓусојузничкиот договор со Србија конечно ја напушти демагошката парола дека се бори за Автономија на Македонија, а шеснаесетијадната Македонска ополченска дивизија царот Фердинанд ја прати на тракискиот фронт, препуштјќи ги ‘„македонските чукари‘‘ на Србија и Грција Така двете национални катастрофи на Бугарија станаа и катастрофи на македонското национално движење. Разнебитените раководни структури неспособни да изградат национална стратегија се свртеа едени наспроти други.
Трето, покрај изборот на „погрешната страна‘‘, сукобот на интересите на Големите сили, кој ескалира со светска војна, не одеше во прилог на македонското движење. Рускиот цар ВМРО го третирал како „најголемо зло‘‘ и спонзор е на Букурешкиот мир, а западните сили, секоја со своите интереси, ги подржувале Србија или Грција.

Кризите во партиите секогаш се јавуваат како последица на долг период на автократско владеење како и во оној момент кога раководните структури заробени во сопствените но и туѓите интереси немаат капацитет за нов из чекор за остварување на стратешките интереси на народот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...