Утринава во 6.50 часот во погонот Челичарница на „Макстил“ при редовни производни активности, поради откажување на дел од опремата на една од дигалките, дојде до прскање на течен челик од казанот, потврдија од „Макстил“ за несреќата која се случи утрово и во која се повредени четворица работници.
– Повредени се четворица вработени кои се соодветно медицински згрижени. Тројца се полесно повредени и се пуштени дома, додека четвртиот вработен е задржан на дополнителни испитувања и е под лекарски надзор. Извршен е увид од страна на службата за безбедност и заштита при работа на Макстил и надлежните државни органи и се работи на утврдување ба причинитеза несреќата- велат од „Макстил“.
И од МВР потврдија дека утрово во 7.53 часот во СВР Скопје е пријавено дека во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ се донесени Н.Н.(45), Е.В.(27), С.С.(48), сите од Скопје и Б.М.(35) од скопско, кои се здобиле со повреди на работно место, во „Макстил“.
МВР информира дека од четворицата повредени, еден е потешко повреден и е згрижен на КАРИЛ, а другите тројца се пуштени на домашно лекување.
На терен постапува Државен трудов инспектор.