Едно лице од Бангладеш почина, а 12 други се повредени во сообраќајната несреќа што се случи синоќа на автопатот Демир Капија- Неготино. Возачот кој управувал со возилото во кое биле мигрантите, побегнал од местото на несреќата, информира МВР.
Во возилото се превезувале 13 лица, од кои 10 од Пакистан и три од Бангладеш. Починатиот бил на возраст од 20 години, додека четири лица-мигранти се здобиле со тешки телесни повреди и биле пренесени во комплексот клиники „Мајка Тереза” во Скопје, а осуммина од мигрантите се здобиле со телесни повреди и им била укажана помош во болницата во Кавадарци.
Во несреќата, покрај возилото со странските државјани, учествувале и товарно моторно возило со приколка со кавадаречки регистарски ознаки, управувано од Љ.Д. (61) од Кавадарци и патничко моторно возило со српски национални ознаки, управувано од С.Ч.(52) од Република Србија.
Увид на местото на настанот извршил јавен обвинител и екипа од Полициската станица Неготино и се преземаат мерки за расчистување на случајот. По наредба на јавен обвинител телото на починатиот е дадено на обдукција.