Едно лице почина, а две се здобија со тешки телесни повреди во сообраќајната незгода што се случи попладнево, околу 15 часот на магистралниот пат А2, Куманово – Крива Паланка – граничен премин Девет Баир.
Според информациите од портпаролот на Секторот за внатрешни работи Куманово, Живкица Чавдаревиќ, во сообраќајната несреќа учествувале патничко и товарно моторно возило.
– Несреќата се случила кај месноста Пашина воденицa, во атарот на селото Кркља, општина Крива Паланка, на делот од магистралниот пат од Крива Паланка кон Деве Баир. Во неа учествувале тешко товарно возило марка „мерцедес“ и патничко моторно возило „опел корса“ при што едно лице го загубило животот, а две се тешко повреден – рече Чавдаревиќ.
До незгодата дошло кога возачот на патничкото возило кој се движел од граничниот премин Деве Баир кон Крива Паланка удрил во товарното возило кое се движело во спротивниот правец.
Возачот на патничкото моторно возило починал во здравствениот дом „Димитар Арсов“ во Крива Паланка, а сопатникот се здобил со тешки телесни повреди и е пренесен во ургентниот центар во Скопје. Со тешки телесни повреди се здобил и сопатникот во товарното моторно возило.
Увид извршила екипа на Полициската станица од општа надлежност Крива Паланка, детали за несреќата од СВР Куманово најавија за утре.
Поради сообраќајната несреќа сообраќајот на магистралниот пат А2 Крива Паланка- граничен премин Деве Баир беше во прекин од 15 часот до 18.40 часот.