Еден килограм кокаин запленет во магацин за овошје во Крушопек, приведени возачите и сопственикот

Станува збор за меѓународен ланец за троговија со дрога, чија вкупна количина е 1,3 тони кокаин.

1143

Еден килограм контролирана пратка кокаин е запленета во магацин за овошје во селото Крушопек, во скопски Сарај. По насока на јавен обвинител приведени се возачите на камионот и сопственикот на магацинот, а се трага и по други лица, потврдија за МИА извори од Министерството за внатрешни работи.

Истите извори посочуваат дека мерките се преземени по насока од јавен обвинител и по наредба од судија на претходна постапка.

Станува збор за меѓународен ланец за троговија со дрога, чија вкупна количина е 1,3 тони кокаин, а во земјава е запленет еден килограм контролирана пратка од оваа дрога. Во операцијата, според извори од МВР, освен македонската се вклучени и италијанската и црногорската полиција.

Според Јавното обвинителство, полициската акција во Крушопек, која е во тек, се спроведува во координација со обвинители од Италија од регионот Калабрија.

Повеќе детали за акцијата, меѓу другото и за бројот на приведени лица и запленетото количество и вид на дрога од ОЈО за МИА велат дека ќе соопштат во текот на утрешниот ден.

Акцијата со претреси во Крушопек поради недозволема трговија со дрога ја потврди и министерот за внатрешни работи Наќе Чулев кој на Фејсбук објави дека „Министерството за внатрешни работи во овој момент презема широк спектар на оперативни мерки и активности“.

-По насоки на јавен обвинител и по наредба на судија на претходна постапка се вршат претреси на подрачјето на село Крушопек во близина на Скопје поради недозволена трговија со дрога. Целиот капацитет на Министерството за внатрешни работи е ставен во заштита на граѓаните и безбедноста на државата – напиша Чулев и повеќе информации најави во текот на утрешниот ден.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...