Еден е Заев, а вие сте многу!

3195

Многу е занимлива – а за мене дури и симпатична, до одредена мера – реакцијата на дел од критичката, демократска јавност во Македонија по паѓањето на Груевски од власт и по доаѓањето на Заев на власт. За да не должам, ќе ви го кажам моето искуство во оваа смисла, иако отсекогаш сум мислел дека нема ништо полошо од тоа кога новинарството се практикува во прво лице еднина! Ама, за да се разбереме што сакам да кажам, само овој пат…

Имено, кога во изминатите многу години пишував или говорев критички за Груевски и за неговиот начин на владеење, јавноста за која говорам тоа го третираше како храбар гест на професионалното новинарство, насочен кон поддршката за будење и поттик на критичката мисла во Македонија, за унапредување на демократските процеси и тн.,  што на крајот (од тоа будење) резултираше со пад на режимот на Фамилијата.

Денеска, кога пишувам или говорам критички за Заев и за неговиот начин на владеење, еден дел од истата таа демократска јавност интерпретира дека тоа мора да е некаква моја директна комуникација со премиерот, во која му пренесувам отворени или кодирани пораки и лични насоки за работа – а оние, позлобните, на тоа додаваат дека е тоа резултат на некаков мој интерес за нешто (пари, функција, суета…) што Заев не ми го „испорачал“, па поради тоа јас јавно нешто му мрчам!

Навистина, имаше во комунизмот еден број на влијателни новинари и уредници кои мислеа дека, кога угледната, државна „Нова Македонија“, на пример, ќе објавеше воведник на првата или втората страница од своето дневно издание, македонската политика требаше уште рано наутро да се „смрзне“, да застане и да ги одложи сите други обврски, дека Претседателството на ЦК на СКМ треба веднаш да свика вонредна седница и на неа подробно да се разгледаат тезите и пораките на објавениот текст, а потоа да реши дали ќе свикува вонредна седница на самиот Централен комитет или ќе биде доволно до општинските комитети на партијата да се испратат „насоки“ за „мерки и активности“ што ќе ги одразат ставовите напишани во коментарот на весникот.

А и добар дел од некогашната јавност така ги доживуваше тие текстови: како јавни политички директиви од некои „повисоки“ центри на моќ кои директно комуницираат со „политичките богови“ во еднопартискиот „плурален“ политички систем на размена на ставови…

И си продолжува таа – се извинувам – комунистичка навика на новинарството да се гледа како на „продолжување на политиката со други средства“, а не како на нормален демократски начин на општење во јавноста, за проширување на информативните, духовните и политичките хоризонти или, дури – а и зошто да не! – и за релаксација и забава во политичкото секојдневие.

Трогателна е таа потреба во една мала земја како Македонија, новинарството и политиката постојано да се доживуваат – додуша, признавам, не сосема без основа во стварноста! – како, со едната рака, фатени рака-под-рака, а со другата напикани по меѓусебните џебови, во некакви постојани нати-дајми односи, во кои на новинарите не се гледа како на глас и коректив што доаѓа од јавноста (како и да го доживувате тој феномен), туку како на неопходно продолжение на некаков политички, бизнис или личен интерес, а најчесто како преплет на сите тие интереси заедно.

Така, на пример, кога ќе направам средба со некој политичар – секогаш се трудам тоа да биде на јавно место, иако некогаш, што е право, морам да се сретнам и во нечиј кабинет – тоа овде не се сфаќа како нормална професионална постапка да си ги „одработам моите извори“ (“working my sources”, е англискиот оригинал на таквата новинарска постапка), туку тоа мора да е некакво новинарско-политичарско шурување, со некоја задна, валкана намера.

Сега, пак, бидејќи почнав да водам и една телевизиска емисија („Печат на неделата“, секоја недела во 21 часот на 1ТВ), дури и изборот на гостите за разговор во таа дебата кај дел од демократската јавност се доживува со сомневање, како намера за директна комуникација со власта, за испраќање пораки и ширење политичко влијание неосвоено на избори, небаре од телевизиско студио ќе кроиме кадровска, економска, социјална или надворешна политика!

А мене, ете, ми е совршено сеедно дали Заев или Груевски, а сега и Мицковски, ми ги читаат текстовите или ми ги гледаат емисиите! Доколку се паметни, тоа секако треба да го прават (sic!), но бидете опуштени: мојата примарна публика се моите илјадници читатели и гледачи (вие, што и ова го читате!) и нивните ментални, критички „чакри“ коишто настојувам постојано да ги одржувам макар подотворени!

Оти, еден е Заев, а ние сме многу!

Извор: CivilMedia

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...