Денот на победата над фашизмот, Денот на Европа, ќе го помниме со генерации и како ден кога Куманово беше потресено со 48-часовната војна во населбата Диво Насеље, еден жесток судир со вооружена криминално-терористичка група. Во пресметките загинаа осум припадници на полицијата… Со денови потоа, на поприштето на битката, остана злокобна наслага од чаури од куршуми, пепел и останки од престрелките и детонациите. Три години подоцна, остана длабока лузна од траумите кои ги доживеа населението во населбата, но и Куманово и целата земја.
Битката со оружје беше придружена со медиумска битка. Максим Димитриевски, тогаш претседател на Советот на општината, сега градоначалник на Куманово, беше грубо прекинат во вестите на Канал 5, во моментот кога даваше изјава на покана на телевизијата. Тој, очигледно, кажа повеќе отколку што можеше да слушне и поднесе уредникот на вестите на Канал 5, на 10 мај 2015 година, во часовите кога привршуваше крвавата битка. Ќе ги запомниме тие тешки часови и по трогателните изјави на граѓанки и граѓани кои, како и нивниот сограѓанин Максим, го вперија прстот во криминалната страховлада на Груевски и неговиот коалиционен ортак Ахмети.
И додека претседателот на државата, чие име најчесто се поврзува со растителниот свет, беше на парада во Москва, а медиумите под контрола на Фамилијата се обидуваа да манипулираат со јавноста, граѓанките и граѓаните на Куманово и Република Македонија покажаа невидена зрелост и мудрост. Сплотени, тие покажаа дека се добри соседи, цврсто определени за мултикултурализам и соживот. Кумановки и кумановци покажаа цврстина и отпор кон обидите за раздор и етничка омраза кои можат да послужат како пример и за Европа чие лице, впрочем, е избраздено со недоследности во поглед на сопствените вредности.
Една недела по Диво Насеље, сто илјади демонстранти побараа оставки, правда, слобода и еднаквост во Македонија. Не можеше да ги спречи ни најцрната етничко-верски нијансирана медиумска кампања, ниту притисоците и заканите, ниту сообраќајните контроли.
До денешен ден, овој мрачен и трагичен настан го следат недоречености и мистерии. Иако кружат многу шпекулации, но и релевантни информации за вмешаноста на политичките елити, конечни одговори сѐ уште нема. Судска разрешница – нема. Кои се вистинските организатори на нападот? Кои се или беа нивните мотиви? Колку пари чинеше оваа операција? Како дојде до погибија на толку полицајци и дали има вистина во тоа дека барем дел од нив беа топовско месо?
Три години подоцна, луѓето кои живеат во Диво Насеље се молчаливи, не се расположени да зборуваат пред камерите на моите колешки и колеги. Траумата, сепак, го направила своето. Зад новите фасади и куќи кои никнаа по целосното разорување со бомби и ракети, стои немата опомена дека за само неколку часа може да се урне нешто што се градело со децении. И тоа, не само куќите, туку и животите на луѓето, довербата меѓу нив. Тие беа зрели и мудри на тој критичен ден, останува нивниот пример да го следиме и денес.