Клиниката за хематологија оваа недела одбележува два големи јубилеја, 38 години од основањето на оваа здравствена установа и 18 години од изведувањето на првата трансплантација на матични клетки од коскена срцевина во Република Македонија.
По тој повод, денеска се отвори комплетно реновиран специјалистичко-консултативниот оддел од клиниката, каде се изведуваат амбулантските прегледи. Бараката во која се наоѓаат амбулантите е изградена после земјотресот и досега не била вака комплетно реновирана, односно променети се кровот, прозорците, подот, направен е поинаков распоред на внатрешноста, вратите и целокупниот ентериер.
Пациентите и лекарите задоволни од подобрените услови на клиниката. Душанка Н. која е мајка на пациентка на клиниката вели дека искрено не го очекувала сето тоа што го добила на клиниката, пред се поради лошата слика за јавното здравство која постои во јавноста.
– Поради болеста на мојата ќерка веќе една година доаѓаме на клиниката. Она што може да го кажам е дека секојдневно се забележуваат промени на подобро. На мојата ќерка пред две недели и се направи трансплантација на матични клетки и таа добро се опоравува. Условите на сместување се одлични, апартмански, храната подобра и од таа што јас и ја подготвувам, соодветна за нејзината здравствена состојба, а исто така и хигиената. Пациентите добиваат современа терапија, лекарите и медицинскиот персонал се секогаш достапни и расположени да помогнат. Навистина не очекував дека ова го има во нашето јавно здравство – вели Душанка.
Стојанка М. 72-годишна пациентка на клиниката вели дека, иако била во многу тешка состојба, после деветмесечен третман сега се чувствува многу подобро.
– Најважно за мене е што лекарите ми дадоа навистина стручен третман и секогаш ме мотивираа да продолжам да се борам со болеста и да размислувам позитивно. Она што ми остави впечаток е дека на оваа клиника, кога ќе заѕвоните на ѕвончето во собата, веднаш доаѓа сестрата. Додека ја примав терапијата преку инфузија постојано будно ме следеа и прашуваа како сте, дали сте добро. Тоа многу значи за пациенти во тешка состојба како што се тие што се лекуваат тука – вели Стојанка.
Професорот д-р Борче Ѓоргиевски кој ја направи првата трансплантација на матични клетки е задоволен што после 18 години клиниката, иако пополека, сепак го заокружува комплетно целиот процес.
– Со реновирањето на амбулантите добивме пристоен простор кој ги задоволува стандардите неопходни за овој вид на пациенти и тука комплетно може да се изведе целиот преглед, да се направи ехо, да се земе крв. Голем чекор за трансплантацијата кај нас е тоа што многу скоро очекуваме да се изведе првото пресадување на матични клетки од несроден дарител, интервенција за која до сега пациентите мораа да патуваат во странство. Со тоа комплетно ќе го заокружиме процесот и ќе кажеме дека сите пациентите со хематолошки малигни болести можеме да ги лекуваме во земјата – објаснува Ѓоргиевски.
Директорката на клиниката за хематологија Ирина Пановска Ставридис, вели дека тимот на клиниката е горд што и покрај сложените финансиски околности успевал да реализира повеќе од зацртани цели со предвидената динамика.
– Со реновираниот оддел сакаме да покажеме дека сме еден од добрите примери за тоа како пациентите во јавна здравствена установа, покрај врвната медицинска услуга, можат да добијат и комплетен современ третман од аспект на чувството за достоинство, удобност, згриженост како и почит за нивното време. Обезбедивме европски услови, не само за македонските осигуреници, туку и подобри услови за работа на медицинскиот персонал – вели Пановска-Ставридис .