Социјалдемократската група во Европскиот Парламент им честита на македонските граѓани за нивната поддршка за Преспанскиот договор и смета дека цензусот не бил постигнат поради манипулативната кампања.
– За жал излезноста за референдумот не постигна 50 отсто. Манипулативната кампања без преседан обесхрабри многу луѓе да излезат на гласање. Делови од опозицијата кои и припаѓаат на Европската народна партија и претседателот на земјата го бојкотираа референдумот и уште еднаш докажаа дека се опортунисти и кусогледи националисти- изјави шефот на социјалдемократите во ЕП, Удо Булман.
Булман остро го критикува претседателот Ѓорге Иванов за неговиот повик за бојкот.
– Посебно сме загрижени за извештаите за руско мешање во изборниот процес. Стотици нови вебсајтови од странство ги повикаа гласачите да го бојкотираат референдумот, овие извештаи треба да бидат проверени – повика Булман.
Социјалдемократите ја повикуваат опозицијата да ја почитуваат волјата на народот изразена на референдумот.
Кнут Флекенштајн од истата парламентарна група и дел од процесот Жан Моне за политички дијалог во Македонија ја повикува македонскатра опозиција да најде начин да го почитува Договорот со Грција склучен во јуни, како што налага волјата на мнозинството.
– Мнозинството македонски гласачи кои гласаа и рекоа дека сакаат европска иднина за нивната земја, им честитам на зрелоста и одговорноста – напиша Флекенштајн