Трите главни политички партии во Европскиот парламент ја поздравија ревидираната методолодија на Европската комисија за пристапниот процес и ја поддржуваат европската перспектива на Западниот Балкан.
Европската народна партија порача дека се надева дека после ова конечно ќе можат да започнат преговорите со Северна Македонија и Албанија.
– Ова е важно од аспект на кредибилност, ветивме дека ако Северна Македонија на пример ги исполни барањата ќе отвориме преговори и минатата есен не го исполнивме ветеното – изјави Микаел Галер, германски пратеник од ЕПП.
Социјалдемократите предупредуваат дека новата методологија не смее да се користи како оправдување за дополнително одлагање на преговорите со двете земји и повторно ги повикуваат земјите членки да дадат зелено светло.
– Проширувањето е една од најуспешните политики на ЕУ и мора да продолжи затоа што е нашата најдобра алатка за да ги вкотвиме кревките балкански држави на патот на демократските реформи. Точно е дека од последното големо проширување во 2004 научивме многу лекции и методологијата треба да се подобри за да се одговори на легитимните преокупации на граѓаните на ЕУ и на западниот Балкан – изјави Кати Пири, холандска европратеничка од Социјалдемократите.
Центар левицата во Европскиот Парламент бараат поголем фокус во преговорите врз социјалната димензија и животната средина.
Групата на Либералите „Обнова Европа“ верува дека новата методологија ќе создаде потранспарентен и поефикасен процес на преговори за земјите.
– Важно е да се даде нов поттик на процесот на проширување кој Обнова Европа целосно го поддржува. Следниот чекор, по договорот за методологијата, треба да биде отворањето на преговори со Северна Македонија и Албанија. Процесот на проширување треба да биде политички процес, а не само административен – изјави претседателот на пратеничката група на Либералите, Романецот Дачиан Чолош.