Европските Зелени остро ги критикуваа изјавите на Макрон

За Зелените е од суштинско значење министрите овие денови во Познањ да ги имаат предвид напорите кои ги вложи Северна Македонија за решавање на спорот со Грција.

652
Photo: EPA / MICHEL EULER

Партијата на Европските Зелени, по повод Самитот за Западен Балкан кој се одржува во Познањ, во рамките на Берлинскиот процес, побара во најкус можен рок да започнат преговорите за членство со Северна Македонија и Албанија.

„Европската Унија ризикува да предизвика повторно оживување на национализмот на Западниот Балкан ако го забави процесот на отворање на вратите за пристапни преговори за регионот. Коментарите на францускиот претседател Емануел Макрон неодамна за перспективите за проширувањето длабоко одмагаат и ја поткопуваат тешката задача на постигнување консензус“, се наведува во соопштението на Европските Зелени.

Тие потсетуваат дека е втор пат да се одложат преговорите и покрај препораката на Европската Комисија.

„Нема причина внатрешната реформа на ЕУ и пристапните преговори да не се водат симултано. Уште едно одбивање во октомври годинава може да го стави во опасност целиот процес и да доведе во обновување на тензии кои би биле катастрофални за ЕУ во целост“, соопштија Зелените.

За Зелените е од суштинско значење министрите овие денови во Познањ да ги имаат предвид напорите кои ги вложи Северна Македонија за решавање на спорот со Грција.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...