Со 412 гласа за, 136 против и 30 воздржани, Европскиот Парламент изгласа Резолуција со која ги повикува земјите-членки на ЕУ на наредната средба да донесат одлука за почнување преговори со Македонија и Албанија.
Резолуцијата беше поднесена од 58 европратеници, кои изразија „длабоко разочарување од неможноста на Унијата да почне пристапни преговори, со оглед на тоа што обете држави направија значителни напори за исполнување на европските барања“.
ЕП во Резолуцијата изразува длабоко разочарување поради неможноста Советот на ЕУ на состанокот одржан на 17 и 18 октомври да постигне согласност за одредување датум за старт на преговорите со Скопје и Тирана. Се изразува жалење што Франција, Данска и Холандија ја блокирале одлуката за отворање преговори. Европратениците ги нагласуваат значителните напори што ги направија двете земји во изминатите години и исполнувањето на критериумите што беа барани од нив за старт на преговорите.
На Северна Македонија и се изразува признание за решавањето на, како што се наведува, тешките билатерални прашања со соседите, а на Албанија за спроведените судски реформи.