Со работна вечера зад затворени врати во Охрид практично почна парламентарната средба во рамки на процесот „Жан Моне“ инициран од европратениците Иво Вајгл, Кнут Флекенштајн и Едуард Кукан. Вечерата е вовед во состаноците на координаторите на парламентарните партии предвидени за утре, а со цел подобрување на парламентарниот дијалог и спроведување на европската агенда на земјата.
Деловникот за работа на Собранието, Етичкиот кодекс, буџетската независност на македонското Собрание, се дел од прашањата што се очекува да бидат дискутирани во рамки на процесот.
На вечерата, на која преку видео-врска се обрати еврокомесарот за проширување на ЕУ Јоханес Хан, предвидено е да се разговара за централната улога на Собранието во реформската агенда за интеграција во ЕУ.
Европратеникот Иво Вајгл пред почетокот на вечерата рече дека се работи за средба на парламентарците од Собранието со пратеници на Европарламентот, со цел во отворена атмосфера да се разговара без присуство на јавноста, за сите проблеми за кои можеби не е постигнат консензус.
– Сметам дека во работна атмосфера со помош на експерти ангажирани за оваа конференција, може да се дојде со согласност по некои прашања за кои нема да решаваме ние, нема да се решава ниту тука ниту во центарот „Жан Моне“ во Париз, туку во Собранието на РМ. Се разбира ќе стане збор за иднината на Македонија, токму затоа сме тука, се ангажиравме во Пржинскиот договор, и оттаму со големо задоволство можеме да каќеме дека земјата има направено ззначаен чекор напред со добивањето гаранција за безусловно отпочнување на преговорите за членство во ЕУ. Се разбира за тоа ќе решава Европскиот совет и можам само да кажам дека сум оптимист во тоа – изјави Вајгл.
Според агендата што се чуваше скриена од јавноста, пред учесниците поздравно обраќање имаа тројцата европратеници и претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери.
Агендата на процесот предвидува учество на сите парламентарни партии од земјата, во формат партиските координатори и по тројца пратеници, како и потпретседателите на Собранието.
Работниот дел од дијалогот започува утре, со обраќања на сите учесници, а предвидени повеќе пленум-сесии посветени на етичкиот кодекс, Деловникот за работа на Собранието, буџетска независност на институцијата, разговори што ќе бидат преточени во заклучоци што треба да бидат донесени на завршувањето на средбите.
Дијалогот е предвидено да биде заокружен со вечера на која е најавено присуство и на лидерите на парламентарните политички партии, премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, лидерот на ДУИ Али Ахмети, на ДПА Мендух Тачи, Зијадин Села од Алијансата на Албанците и од Беса Билал Касами. Пред нив е предвидено да се обрати и Сергеи Станишев, претседател на партијата Европски социјалисти. Тоа ќе биде првата средба на лидерите по средбата на премиерот Заев со грчкиот колега Алексис Ципрас на Самитот во Софија.
Средбата во рамки на „Жан Моне“ процесот се смета како реализација на дел од реформите во земјата имајќи предвид дека прашањата за конституирање на Парламентот и за пратенички прашања се дел од планот „3-6-9“, а разговорите се очекува генерално да придонесат и за подобрување на политичкиот дијалог.
На средбата во Охрид и претходеа усогласувања на ставовите на пратеничките групи, особено за Деловникот за работа на Парламентот и за Етичкиот кодекс.