Европската интеграција на земјата беше во фокусот на средбите што министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска ги имаше со Михаел Рот, министер за Европа во Германското МНР, Јан Хекер, советник за надворешна политика на канцеларката Меркел и Матин Хакверди, пратеник во германскиот Бундестаг од редовите на СПД.
Во фокус на средбата со министерот Рот, како што соопшти МНР, беа прашања поврзани со европската интеграција на земјата. Во таа смисла, министерот Димитров брифираше за текот на домашните реформи и успешно спроведениот претседателски изборен процес и ги реафирмираше аргументите за носење одлука за почеток на пристапните преговори со ЕУ и важноста на германската поддршка во тој процес.
– Годинава Република Северна Македонија има силни реформски и добрососедски аргументи за почеток на пристапните преговори. Успеавме да направиме целосен пресврт во неполни две години и тоа треба и мора да биде препознаено за да го зацврсти нашиот успех и да служи како поттик за останатите во регионот. Процесот на пристапни преговори ќе значи само заслужен почеток на едно ново поглавје за засилување на позитивниот курс, натамошен напредок на земјата и овозможување подобар живот за нејзините граѓани – истакна министерот Димитров кој е во работна посета на Германија.
Шефот на дипломатијата на средбата со Хекер, кој е советник за надворешна политика на канцеларката Меркел се разговараше за европската агенда на Северна Македонија, а беа разменети мислења и околу актуелната регионална динамика и улогата на Германија како клучен партнер на земјите од Балканот.
Во разговорот со пратеникот Метин Хакверди од редовите на СПД главен акцент беше ставен на поддршката во Бундестагот за процесот на нашата европска интеграција и постигнатото во клучните реформски области и добрососедските односи.
Работната посета на министерот Димитров на Берлин продолжува попладнево со негово обраќање како главен говорник на настан во германскиот Бундестаг насловен „Западен Балкан по решавањето на прашањето за името: постигнувања, предизвици и перспективи“, организиран од страна на парламентарните групи на Зелените и на германската секција на Унијата на Европските Федералисти, во која членуваат пратеници од четири политички партии – ЦДУ/ЦСУ, Социјал-демократи, Зелените и Либералите.
Во текот на утрешниот ден се планирани повеќе средби и разговори со пратеници од Бундестагот и релевантни соговорници во Сојузната Канцеларија и германското МНР.