Европратениците незадоволни од полскиот кандидат за комесар

82
ФОТО: EPA / OLIVIER HOSLET

Јануш Војчеховски, полскиот кандидат за комесар назначен на ресорот земјоделство, не ги убеди европските пратеници. Тие бараат од него дополнителни писмени одговори пред да се произнесат за неговата кандидатура.

Војчеховски беше сослушан од двете надлежни парламентарни комисии – земјоделство и животна средина – но голем број пратеници оценија дека неговите одговори беа премногу општи и нејасни за да можат веднаш да го потврдат на функцијата еврокомесар за земјоделство.

Социјалдемократите прифатија да му дадат втора шанса и да му испратат серија дополнителни писмени прашања, додека Либералите размислуваат да побараат второ сослушување.

Полскиот кандидат, освен за неговиот ресор, доби прашања и за истрагата на европското антикорупциско тело, ОЛАФ, кое пред неколку дена се произнесе во корист на Војчеховски.

Претседателот на комисијата за земјоделство на Европскиот Парламент, Норберт Линс, на Твитер порача дека “одговорите на Војчеховски не беа јасни според мене, не сакам само да дискутирам, сакам да видам дела за нашите земјоделци“.

Војчеховски се заложи дека ќе објави импакт студија за последиците на трговските спогодби врз земјоделството во ЕУ, еден од приоритетите на Европскиот Парламент, посебно по контроверзиите околу последниот договор со земјите од Јужна Америка (Меркосур).

Околу можноста за ренационализација на Заедничката земјоделска политика, кандидатот одговори дека е “отворен за размена за да се изнајде решение“. Испрашан и за ограничувањето на финансиската помош за земјоделците, Војчеховски одговори дека е за повеќе флексибилност за да можат самите земји членки да одлучуваат. Европската Комисија до сега бараше задолжително ограничување.

ФОТО: EPA / OLIVIER HOSLET

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...