Анкетите досега постојано презентираа висок рејтинг кај македонската популација за аспирациите за приклучување кон евроатлантските интеграции. Мала беше разликата меѓу ЕУ и НАТО. Резултатите понекогаш ја надминуваа бројката од над 80%. Тоа значеше дека нема никаква двојба дека на Денот Д Македонците со плебисцит ќе се изјаснат за дефинитивната одлука и со „песни и ора“ (онака по соцреалистички, по ударнички) ќе тргнат кон Европа. Меѓутоа, според нашата стара добра навика, ние за сѐ можеме да изненадиме (светот) и да си се изненадиме. Одеднаш, работава некој ја прави „од готово вересија“, на патот кон ЕУ и НАТО се појавија турбуленции кои, ако не повеќе, барем ја засенија големината на претставата. Се испречија бројни закани за успешноста на референдумот кој треба да стави до знаење дека определбата за ЕУ и НАТО останува да вирее на македонската почва.
Но, сепак претежнува убедувањето дека ден по референдумот низ Република Македонија ќе се разлее познатата Ода на радоста. И замислете го „чудото на векот“: Македонците онака обединети и сплотени (ќе се надминеме себе си), здушно и заедно на први октомври 2018 го почнуваат патувањето кон Европа.
Факт е дека сон на сите прогресивни луѓе во републикава е нејзина европеизација. Тоа е процес кој претставува „социјален кислород“ за државата и за нејзината популација. Света должност на секој граѓанин е да даде свој придонес во европеизирањето на земјава.
Ваква специфична тежина има целиот процес – од самото (масовно) излегување на гласачкото место, до слободното изјаснување на граѓаните со ЗА или ПРОТИВ, па до прогласување на победата на референдумот со заокружени многубројни ЗА како врвен израз на слободната волја на македонските граѓани…
При тоа, свеченоста и одговорноста за чинот на успешниот (ЗА) референдум ја обележуваат барем три факти:
Прво, референдумот од 30 септември овозможува граѓаните со својот слободен глас изразен на демократски начин да одлучат за иднината (или небиднината ако е негатива) на нивната татковина. На референдумот не се гласа дали го сакате ДПМНЕ и Ѓорѓе Иванов, туку се гласа за најсериозното прашање со кое се соочува татковината – дали сакате државата да стане дел од високоцивилизираниот свет на евроатлантските интеграции, или пак да остане гето на маргините на континентот.
Второ, со својот позитивен глас граѓаните дефинитивно да ја позиционираат Република Македонија како рамноправна демократска членка на светската мапа на држави, ослободена од сите манипулации и прогнози за нејзино распарчување, нестанување и слични небулози толку штетни за здравиот и просперитетен амбиент на македонското општество.
Трето, референдумот е можност да се изрази благодарност за несебичните напори што членките на евроатлантските интеграции (и нивните шефови на држави и влади) ги вложија за пробивање на затнатиот повеќевековен вентил на развојот на македонската држава како суверена и модерна творба. Онаа Европа која некои ја нарекуваа „ороспија вавилонска“ и „пречка“ за формирање на македонска држава сега Македонците здушно ги повикува да се придружат во напорите да се обедини континентот како заедница на рамноправни народи и граѓани, а подоцна и како земја на Европејците. Оваа прилика, велат тие што нѐ посетија, тешко ќе се повтори. Таа е тука, но не на тацна, туку според логиката „take it, or leave it“. Или „одбери што ти сечи умот“ (ако го имаш).
И додека Македонците со трема и неизвесност ќе ги пребројуваат гласовите, нивниот Хорхе им држи лекција на оние во ООН за мирот, за стабилноста, за демократијата и слични теми. Бил во посета и на дијаспората… А таму, и на двете места, тој се појавува со „опашка на гревови“ во кои се споменуваат обиди за државен удар, клиентелистички и марионетски однос кон менторите, залудно потрошени два мандати, антиуставно делување, недемократски пристап кон прашањето за човековите права и слични „дејанија“ со овој колорит.
Штета. Нашиот „татко на нацијата“ ја пропушти и последната прилика да остави барем грам рејтинг зад себе. И тоа баш на крајот од мандатот и од неговиот политички век.
П.С. Би било добро за во иднина да се дефинираат стандарди според кои ќе се препознаваат категориите „татко на нацијата“ и „лош очув на нацијата“. Елементи за ваква класификација веќе има доволно во досегашната македонска практика.