Европа и задушливиот македонски дуќан

Идејата на Европа во својата чиста замисла е да го надмине концептот „нација-држава“. И во таа смисла тоа е најдоброто нешто кое Европа денес го претставува од своето формирање.

419

Основното прашање за „македонската еврoпеизација“ беше и остана исто: сакаат ли властите навистина Македонија да ја одведат во Европа, или ова е слаткоречиво покритие за исполнување на неограничена власт? Ви текнува: тоа што ова прашање сè уште стои и вирее, тоа значи дека прашањето се уште не е конзистентно одговорено. А на ова прашање не е јасно и конзистентно одговорено затоа што ни главните актери во процесот немаат јасен и конзистентен одговор на оваа дилема.

Оттука, ова прашање го отвара на тапет поимот „за искреноста“, а со искреноста (како и со сите „добри намери“) во македонската политика човек треба да биде крајно внимателен, што значи дека не треба да ви објаснувам што во оваа земја се случуваше кога некоја ќе вресне, „имам добри намери“ и „чесен сум, жими мајка“!? Штом е така, да се обидеме да одговориме на некои „прашања кои бараат одговор“. И кои се ужасно важни. Мене, лично, многу ми е блиска критиката на концептот „нација-држава“, ама тогаш од десницата ќе стигне нова критика: „Ама за што си, тогаш, Јовановиќу“(?): дали си за глобализација, дали си за доминација на светската велесила Америка или, едноставно, ти си „странски платеник“? Па, дозволете да се обидам да одговорам.

Концептот нација-држава

Ако концептот „нација-држава“ е доминантен, тогаш треба да разбереме дека идејата на Европа во својата чиста замисла е да го надмине концептот „нација-држава“. И во таа смисла тоа е најдоброто нешто кое Европа денес го претставува од своето формирање. Европа денес не ги забранува своите држави-членки што го практикуваат концептот „нација-држава“. Не престана Италија да постои затоа што е членка на Европската унија; или Германија, или некоја малечка држава како Данска. А повторно од друга страна, Европската унија делегираше еден важен дел од својот суверенитет на таа наддржавна, односно наднационална идеја. Европа денес е еден вид „здрав компромис“ измеѓу тие „чисти“ концепти: чистиот концепт на „нација-држава“ не чини заради едни причини; чистиот концепт на „глобализацијата“ не чини од сосема други причини; лично мислам дека Европа е „средно решение“.

Од друга страна, „глобализацијата“ имено никаде не постои во „чист облик“, па дури и луѓето често не ги забележуваат фактите дека едни од најогорчените противници на „глобализацијата“ се всушност Американците. Што значи, да се гледа на глобализацијата како некаква американска завера против останатиот дел од човештвото значи дека се работи за едно инфантилно и неписмено гледање на работите. Вие сега имате, барем кога човек ќе се оттргне од „вашингтонските sидишта“, еден континент од милиони антиглобализми и антивашингтонизми, како што не постои никаде освен во Америка? Сакам да кажам, работите се многу посложени одошто нам ни се чини. Така што „чисти“ концепти нема. Се разбира, дури и смешна е идејата за една „светска влада“; било ние да ја гледаме како нешто „просветено“ и „еманципаторско“, или да ја гледаме како нешто „орвеловско“ и „диктаторско“ кое со сите нас ќе владее. Тоа едноставно така не функционира!

Големите држави, империи, не можат да функционираат на така „централистички“ начин – дури и кога би се обиделе, тие би се распаднале. Се сеќавате како помина СССР; читате какви проблеми денес има Кина со своите специфичности од своите територии… Се разбира дека тоа така не може да функционира, а не пак да функционира на едно „глобално“ ниво…

Гледате дека концептот „нација-држава“ дури и кога би имал апсолутен суверенитет – пред се од сопствените граѓани – исто така не е добар. Уште кога бевме деца, се сеќавате на онаа фраза: „немешање во внатрешните работи на земјите“. Е, за волја на вистината тоа прекрасно звучи кога на таков начин ќе се каже: уааау! – звучи феноменално; звучи така неимперијалистички, ама на оваа фраза, сигурен сум дека се сеќавате, инсистираа разни диктаторски режими: затоа што, се разбира, на диктаторите им е важно кога никој нема да им се меша „од страна“, што значи нема да се меша оној кој е поголем од нив, оној што „шиба појако“, оти, внимавајте, сите диктатори само за тепање зборуваат, единствениот нивни политички критериум. Дури, сигурно се сеќавате на онаа фраза: „Колку папата има папски дивизии“? Со други зборови, „суверенитетот“ се претвора во самоволие на поединци, најчестиот и најголемиот проблем на „суверенитетите“. Или да го поедноставиме: „суверенитетот се претвора во суверенитет на Суверенот, а не во суверенитет на граѓаните“.

Решено име

Се разбира, овде постои и друга страна од приказната, како што постои во секоја приказна: факт е дека САД остваруваат силно влијание на „суверените“ и „внатрешни“ прашања на мнозинството од држави на планетата; Жижек има многу добра дефиниција за тоа: „Во иднина, американскиот претседател ќе владее, повеќе или помалку, со сите граѓани на оваа планета, па можеби на следните американски избори би требало да гласаат сите жители на планетата земја“. Оваа досетка, се разбира, е многу повеќе од тоа. Таа дури е и многу повеќе од парадокс и штос затоа што ни објаснува многу работи. Досетката на Жижек во практика е неспроведлива затоа што невозможно е да гласаш таму каде што не плаќаш данок и поради тоа може да се дадат многу аргументи зошто е нереална.

Сигурен сум дека се сеќавате и на тоа, пред да дојде Трамп, оваа наша разлупана земјичка анализираше „што ќе биде ако особа А, или особа Б, биде претседател на САД, и какви тоа импликации ќе има за нас“. Или на пример, како ќе гласаат Македонците во Америка: дали е подобро за Македонија да победат републиканците или демократите.

Сигурен сум дека се прашувате каде е Македонија во сите овие приказни. Најпрво, фер е да се каже дека Македонија се уште се наоѓа во состојба на „задушлив дуќан“, но исто така за премиерот Зоран Заев е важно да го реши името. „Спорот со името“ е тест: дали ќе се решава спонтано или внимателно, сеедно, важно е да се реши; во спротивно, работите повторно ќе станат одвратно сериозни. Македонија има шанса повторно да се слизне во хаос. Значи, да се видиме со „решение за името“, затоа што „решено име“ е Македонија, а Македонија не им припаѓа повеќе „ним“ отколку мене или тебе, без разлика што тие мислеле за тоа. Оти, по ѓаволите, нема да дозволиме повторно да станеме засебен остров: најлошите меѓу нас да бидат најгласни, а нормалните да бидат „куш“!

Научивме низ годините, чесен човек не може да победи бараба, а да не стане полош од него. Значи, се гледаме со „решено име“, во спротивно: се гледаме на улица, на кино, во куќа, на плоштад, се гледаме било каде. Се гледаме во задушливиот дуќан Македонија!

 

Објавено во „Слободен печат“

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...