Еве ја програмата за одбележување на 11 Октомври

361

Свеченостите по повод одбележувањето на државниот празник 11 Октомври – Ден на народното востание, ќе се одржат во Прилеп, Куманово и во Скопје.

Како што соопшти владината Прес-служба, содржините за одбележување на 78-годишнината од Денот на народното востание на македонскиот народ против фашизмот и за македонска државност во Куманово ќе почнат со положување цвеќе на Спомен-костурницата.

Владината делегација во Куманово ќе ја предводи премиерот Зоран Заев, а во нејзин состав ќе бидат вицепремиерот и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот за образование и наука Арбер Адеми и министерката без ресор задолжена за странски инвестиции Зорица Апостолска. Покрај другите содржини, предвидено е обраќање на премиерот Заев.

Во Прилеп свеченостите за одбележување на празникот ќе се одржат пред споменикот на Методија Андонов-Ченто и пред споменикот на Кузман Јосифоски-Питу, како и на Могилата на непобедените. Делегацијата на Владата во Прилеп ќе ја предводи министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, заедно со министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и министерот без ресор задолжен за странски инвестиции Елвин Хасан.

Празничните активности во Скопје ќе почнат со положување цвеќе на Партизанските гробишта во Бутел, а владината делегација во главниот град ќе ја предводи вицепремиерот задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори Кочо Анѓушев, а во нејзин состав ќе бидат министерката за финансии Нина Ангеловска, министерот за администрација и информатичко општество Дамјан Манчевски и министерот за економија Крешник Бектеши.

Премиерот Зоран Заев и членови на Владата ќе присуствуваат и на свеченоста во Парламентот по повод доделувањето на високата државна награда „11 Октомври“.

Од владината прес-служба информираат дека на сите свечености по повод одбележувањето на државниот празник 11 Октомври – Ден на народното востание, се поканети членови на Сојузот на борците, дипломатскиот кор во нашата земја и претставници на општествените и граѓанските организации во државата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...