Еве кои се добитниците на наградата „13 Ноември“

2169

Одборот за доделување на Наградата „13 Ноември“ на Град Скопје, денеска, по спроведеното тајно гласање, официјално ги објави добитниците на Наградата за 2018 година. Тајното гласање го спроведе Комисијата што ја именува Одборот, во следниот состав: претседател Вангелина Мојаноска и членови: Газанфер Бајрам, Лорета Георгиевска-Јаковлева, Севдаиљ Демири, Халил Зендели, Бранко Цветкоски, Виолета Томовска, Петре Арсовски, Љубиша Станковиќ, Даница Стојанова и Роландо Кутиров.

Добитници на Наградата „13 Ноември“ на Град Скопје, за 2018 година се:

Од областа на науката – Маргарита Цаца Николовска, судија, за придонес во унапредување, промоција и заштита на човековите права и слободи, развој на демократијата и владеење на правото.

Од областа на образованието и воспитанието – Аџи Фида, професор во пензија, за долгогодишна успешна дејност во областа на образованието и воспитанието.

Од областа на спортот – Андреј Стојановски, пливач, за остварување врвни резултати во пливачкиот спорт во категоријата за лица со посебни потреби.

Од областа на културата – Марко Коловски, музиколог, за значајни долгогодишни остварувања во областа на музичкото творештво и Ресул Шабани, писател и книжевен преведувач, за превод на Антологиите „Поети академици“ и „Поети и раскажувачи академици“.

Од областа на уметноста – Рамадан Шукри, академски музичар, за придонес во областа на уметноста, културата, образованието и воспитанието.

Од областа на публицистиката – Сефер Тахири, новинар, за 20-годишен придонес во развојот на новинарството и публицистиката.

Од областа на архитектурата – Даница Павловска – Циги, архитект, за долгогодишна посветеност за зачувување на автентичноста и вредностите на градот Скопје во сферата на планирање и управување со просторот.

Од правните лица наградени се: ЈЗУ Геронтолошки завод „13 Ноември“ Скопје, за долгогодишна успешна работа и Противпожарната бригада на Град Скопје  за успешна работа и голем придонес во заштитата и спасувањето на граѓаните од пожари, природни непогоди и други несреќи.

За ученици и студенти – Арда Мустафаоглу, ученик во ДМБУЦ „Илија Николовски- Луј“, за континуирани успешни постигнувања во наставните и воннаставните активности и посебен придонес за афирмација на градот Скопје во светот и Мила Коцевска, Софија Стојменова, Нена Гиевска, Марија Гавриловиќ, Петар Тодоровски и Ведран  Лауренчиќ, ученици во ООУ „Кочо Рацин“ – Скопје, за хуманост-укажување прва помош на лице во градски автобус.

Наградата „13 Ноември“ на Град Скопје се доделува на физички и правни лица како знак на признание на Градот Скопје за остварувања во стопанството, науката, уметноста, културата, воспитанието и образованието, здравствената и социјалната заштита, спортот и физичка култура, техничката култура, заштитата и унапредувањето на животната средина и природата, како и во други сегменти на животот, трудот и творештвото, што претставуваат посебен придонес за развојот на градот Скопје и за неговиот севкупен напредок и афирмација во Република Македонија и во светот. Наградата може да се додели и на физички и правни лица од други држави кои оствариле посебен придонес за Градот. Наградата се доделува и на ученици и студенти за творечки труд или континуирани успешни постигнувања во наставните и во воннаставните активности што претставуваат посебен придонес за напредок и афирмација на Градот Скопје.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...