Земјата продолжува со стабилно темпо на спроведување на реформите во текот на целиот период на извештајот, додека Владата презема чекори за враќање на механизмите за контрола на власта, за јакнење на демократијата и владеењето на правото, во една инклузивна и отворена политичка атмосфера, се вели во Извештајот за напредокот на земјата за 2019 година што го објави вчера Европската комисија.
Земјата продолжува со испорачување на опипливи резултати во клучните области идентификувани во заклучоците од Советот, како што се судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, реформата на разузнавачките служби и јавната администрација, се наведува во клучните наоди во извештајот за 2019 на ЕК за Северна Македонија.
Политички критериуми
Културата на компромис во политичкиот пејзаж е подобрена со владините напори да се допре до сите засегнати страни, вклучително опозицијата и цивилното општество преку инклузивен и транспарентен начин. По потпишувањето на историскиот договор со Грција во јуни 2018 година, беше организиран консултативен референдум во септември 2018 година, каде големо мнозинство од гласачите го поддржаа членството во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот од Преспа. Претседателските избори беа добро организирани и основните слободи беа почитувани, овозможувајќи им на граѓаните да направат информиран избор меѓу кандидатите. Парламентот го подобри своето работење како форум за конструктивен политички дијалог и ги засили своите надзорни и законодавни функции, вклучително и со ограничување на користењето на скратените постапки.
Меѓуетничката ситуација останува мирна, наспроти некои повремени тензии. Владата ја продолжува својата заложба за јакнење на довербата меѓу заедниците. Охридскиот рамковен договор, со кој се стави крај на конфликтот од 2001 година и обезбедува рамка за зачувување на мултиетничкиот карактер на општеството, се споменува во преамбулата на Уставот и продолжува да се спроведува.
Климата во која функционираат цивилните организации продолжува да се подобрува. Граѓанското општество продолжува да има конструктивна улога во поддршка на демократските процеси. Донесени се стратешки документи, со што се даваат насоки за соработка меѓу власта и цивилното општество. И владините и невладините актери треба да се стремат кон значаен процес на консултации.
Северна Македонија оствари добар напредок на полето на реформите на разузнавачките служби. По реформата на системот за следење на комуникациите, новата Оперативно техничка агенција е целосно функционална. Земјата, исто така, започна со реформа на своите разузнавачки служби во соработка со НАТО и со другите партнери. Избран е модел и усвоена е законска рамка за формирање на нова Национална агенција за безбедност.
Во извештајот реформата на јавната администрација се оценува како умерена.
– Направен е добар напредок, особено со спроведувањето на стратешката рамка за реформа на јавната администрација, подобрените јавни консултации и зголемената транспарентност во креирањето политики. Преземени се чекори за решавање на наводните политизирани именувања. Сепак, потребни се понатамошни напори за зголемување на одговорноста на администрацијата и спречување на нејзино политизирање. Почитувањето на принципите на транспарентност, системот на заслуги и правична застапеност остануваат од суштинско значење, се вели во извештајот на ЕК.
Во извештајот се наведува дека е достигнато одредено ниво на подготвеност на судскиот систем.
– Судскиот систем е умерено подготвен и постигнат е добар напредок во решавањето на „Приоритетите за итна реформа“ и препораките од Венецијанската комисија и Високата експертска група за системски прашања за владеење на правото. Земјата покажа решеност за подобрување на судскиот систем и спроведувањето на новата правна рамка е цврста основа за континуиран напредок, се вели во извештајот.
ЕК посочува дека е подготвен нов Закон за јавното обвинителство со кој се интегрира Специјалното јавно обвинителство во Јавното обвинителство.
Судовите донесоа пресуди за некои случаи од висок профил отворени од Специјалното јавно обвинителство. Освен законските измени, сите судски институции треба да дадат сопствен пример и да придонесат преку дополнителни напори за враќање на довербата на јавноста во судството, пишува во извештајот на ЕК.
Во однос на борбата против корупцијата во извештајот се оценува дека земјата има одредено ниво на подготовка.
Добар напредок е постигнат преку понатамошно консолидирање на истрагите и гонењето случаи на високо ниво на корупција и со промени на законодавната рамка. Новата законска рамка за спречување корупција е подобрена и именувањето на нови членови на Државната комисија за спречување на корупцијата беше многу потранспарентно во однос на минатите години. Комисијата презема активни чекори за борба против корупцијата, вклучително против високи претставници од целиот политички спектар. Специјалниот јавен обвинител ја потврди својата главна улога во истражување и гонење на високи случаи на корупција. Властите треба дополнително да ги зголемат напорите за да покажат дека борбата против корупцијата е високо на листата на национални приоритети на сите нивоа на власт. Сепак, корупцијата останува распространета во многу сегменти и останува прашање на загриженост, се вели во извештајот на ЕК.
Во борбата против организираниот криминал, во извештајот се наведува, дека правната рамка на земјата во голема мера е усогласена со европските стандарди, како и дека напорите за спроведување на стратегиите против организираниот криминал и активно мерење на нивното влијание треба да продолжи.
Легислативата за заштита на фундаменталните човекови права во голема мера е усогласена со европските стандарди и земјата има добар напредок, се вели во извештајот на ЕК.
– Зголемена е заштитата против говорот на омраза и дискриминацијата со измени на Кривичниот законик и донесување на Закон за спречување и заштита од дискриминација. Исто така, усвоена е амбициозна стратегија за деинституционализација и цели за борба против насилството врз жените се преточени во акционен план за спроведување на Истанбулската конвенција. Сепак, механизмот за надворешен надзор на полицијата сѐ уште не е целосно оперативен и земјата треба дополнително да ја развие примената на алтернативни санкции и пробацијата, се вели во извештајот.
Во областа на слободата на изразувањето, земјата се оценува како умерено подготвена и дека е остварен добар напредок во текот на изминатата година.
Климата за слобода на медиумите и слобода на изразување продолжува да се подобрува. Од суштинско значење е дека јавните функционери и политичката елита покажуваат зголемено ниво на толеранција кон критика, со што се поддржува слободата на изразување. Земјата треба да направи значителни напори за подобрување на независноста и професионалните стандарди на јавниот радиодифузен сервис, како и нејзината финансиска одржливост. Донесени се измени на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и нивното спроведување ќе бара силна политичка заложба за гарантирање на професионално, транспарентно, врз основа на заслуги и правично застапување, се вели во извештајот на ЕК.
Во однос на регионалната соработка земјата одржува добри односи со другите земји и активно учествува во регионалните иницијативи.
Преземени се историски чекори за подобрување на добрососедските односи, вклучително со влегување во сила на Договорот од Преспа и неговото спроведување. ЕК очекува да продолжи и спроведувањето на билатералниот договор со Бугарија, се вели во извештајот на ЕК.
Северна Македонија продолжува да има активна и конструктивна улога во справувањето со мешаните миграциски текови.
Ефективно соработува со земјите членки на ЕУ и со соседните земји. Обезбедена е ефикасна контрола на јужната граница, вклучително со распоредување на гостински офицери од земјите членки на границата. Сепак, проблемот со честите шверцерски активности на северната граница треба дополнително да се решат, се вели во извештајот на ЕК.
Економски критериуми
Земјата постигна одреден напредок и е на добар степен на подготвеност за развој на функционална пазарна економија, се вели во извештајот на ЕК.
– Економскиот раст продолжи по едногодишна стагнација, иако инвестициите остануваат ниски. Владата презема мерки за подобрување на управувањето и транспарентноста на јавните финансии. Спроведени се даночни реформи и на пензискиот систем. Сепак, составот на трошоците е влошен и потребна е поамбициозна фискална консолидација со цел да се стават јавните финансии на одржлив пат. Функционирањето на пазарот на трудот е нарушено од постојаните структурни проблеми. Спроведувањето на договорите и големата неформална економија продолжуваат да претставуваат предизвик за бизнис опкружувањето, се вели во извештајот.
Во извештајот, се оценува дека земјата има одреден напредок и е умерено подготвена за справување со конкуренцијата и пазарните сили во ЕУ.
– Дополнително е продлабочена интеграцијата со ЕУ во трговијата и инвестициите. Извозот и производството се разновидни и дополнително кон производи со додадена вредност. Сепак, недостигот на вештини и неусогласеноста со барањата на компаниите ги рефлектираат недостатоците на наставните програми и ја нарушуваат продуктивноста и компетитивноста на економијата. Останува недостигот на значајни инвестиции во јавната инфраструктура, се вели во извештајот на ЕК.
ЕУ законодавство
Во однос на подготвеноста на земјата за прифаќање на обврските од членството во ЕУ, земјата е умерено подготвена во повеќето области, вклучително во областите на конкурентноста, јавните набавки, транспортот и енергетиката.
– Земјата покажува добро ниво на подготвеност во областите како законот за трговски друштва, царинската унија, трансевропските мрежи и науката и истражувањето. Дополнителни напори се потребни, особено во областите каде земјата е во рана фаза на подготовки, како што се слободното движење на работници, како и финансиските и буџетски одредби. Поголем фокус е потребен на административните капацитети и ефективната имплементација. Земјата продолжува да ја подобрува својата усогласеност со одлуките на ЕУ и на Советот за заедничка надворешна и безбедносна политика, се вели во извештајот на ЕК.