Еве зошто судска одлука не смее да се засновува врз нелегално прибрани докази

Денес повеќето современи казнено-процесни законодавства опстојуваат на позицијата согласно која доказите прибавени како резултат на повреда (од поголем интензитет) на основните слободи и права на поединецот против кој се води казнена постапка, не можат да послужат како доказ врз кој ќе се заснова пресудата на судот во казнената постапка. Нашиот Закон за кривична постапка е уште поцврст и предвидува неспорна доказна забрана за вакви докази.

4271

На мое пријатно изненадување, после мојата денешна колумна под наслов „Бомбите не смеат да бидат докази и – точка!“, на мојот ФБ профил се разви интересна, плодна дебата за тоа клучно прашање. Ќе ги пренесам клучните акценти од дебатата, зашто мислам дека тие можат да бидат од полза за секој што сака на оваа тема да размислува со отворен ум, рационално и без навивачки страсти.

Ова кој не го знае – напишав на Фејсбук – не може да заврши Правен факултет. Станува збор за Член 12 став 2 од Законот за кривична постапка: „Доказите прибавени на незаконит начин или со кршење на слободите и правата утврдени со Уставот на Република Македонија, законот и меѓународните договори, како и доказите произлезени од нив, не можат да се користат и врз нив не може да се заснова судската одлука“.

Како што потсети Александар Диневски, главниот изговор на СЈО за користење на овие снимки како легални и валидни докази беше дека истите ги добиле „по легален пат“ (!), а сосема било небитно како настанале. „Да се чудиш“, коментира Диневски. Се чуделе ние или не, факт е дека тие снимки беа масовно користени во постапките и врз нив се засноваа судски одлуки (патем речено, зборот „засновува“ е клучен за разбирање на прашањето).

Во една нејзина изјава што ја цитирав, угледната судијка Маргарита Цаца Николовска вели (големите букви се мои во целиов текст и ги користам заради нагласување на поентите): Во Стразбур во 1988 година, во случајот „Шенк против Швајцарија“, Судот одлучил дека судската постапка била фер, иако биле користени нелегално прибавени телефонски разговори како докази. Во пресудата на Стразбур во тој случај се вели дека правото на фер судење не било нарушено ПОРАДИ ТОА ШТО СНИМКИТЕ НЕ БИЛЕ ЕДИНСТВЕНИ ДОКАЗИ во случајот.

Да, тоа е клучното, снимките не биле единствени, а не биле ни клучни докази за судската одлука.

Детали за овој важен случај има и во една маркантна и обемна студија на д-р Никола Тупанчевски и м-р Кипријановска. Таму можете да го прочитате и ова: „И колку и да постојат разлики помеѓу одделните казнено-процесни системи, важно е да се истакне дека сите тие поаѓаат од заеднички утврдената зад која стои барањето за исклучување на незаконито прибавените докази од основите врз кои може да се заснова пресудата донесена од страна на судот (во германското право позната како ДОКАЗНА ЗАБРАНА, т.е. забрана за оцена на доказите – Beweisverwertungsverbot, или во државите од англоамериканското право – exclusionary rule).

Иако нивната компаративна анализа покажува дека „денес повеќето современи казнено-процесни законодавства опстојуваат на позицијата согласно која доказите прибавени како резултат на повреда (од поголем интензитет) на основните слободи и права на поединецот против кој се води казнена постапка, не можат да послужат како доказ врз кој ќе се заснова пресудата на судот во казнената постапка“, Тупанчевски и Кипријановска сепак предлагаат:

„…Во согласност со меѓународните стандарди, добро би било одредбата од чл.12 од ЗКП да се релативизира, така што да се остави можност во зависност од општествениот (јавниот) интерес, ПОД ОДРЕДЕНИ УСЛОВИ да се земат предвид и некои од доказите кои се однесуваат за тешки облици на казнени дела за кои се води редовна постапка; КОГА ПОВРЕДАТА НА ПРАВАТА, СО ОГЛЕД НА НИВНИОТ ИНТЕНЗИТЕТ И ПРИРОДА БИЛА БИТНО ПОМАЛА ОД ТЕЖИНАТА НА КАЗНЕНОТО ДЕЛО“.

Заклучувајчи ја дебатата на Фејсбук (која можеби и ќе продолжи), го резимирав следново:

Прво, нелегалните прислушувања по обем и интензитет кај нас претставуваа масовно кршење на човековите права со огромен интензитет. Во таа смисла, тие НЕ СМЕАТ ДА СЕ ПРИФАТАТ КАКО ДОКАЗИ ВО СУДСКИТЕ ПОСТАПКИ.

Второ, дури и да се прифатат (а беа прифатени) ТИЕ НЕ СМЕАТ ДА ИМААТ ТРЕТМАН НА ДОКАЗИ ВРЗ КОИ СЕ ЗАСНОВУВА ПРЕСУДАТА.

И трето, целава дебата е од академска природа. Во овој момент СУДОТ МОРА ДА ГО ПОЧИТУВА ЧЛЕН 12 СТАВ 2 ОД ЗКП. А тој не дозволува нелегално прибавени докази (стандард во повеќето европски цивилизирани земји).

Како дополнение на ова, од особена важност го цитирам следниов коментар на Александар Димевски упатен до мене:

„Ај да те потсетам уште нешто. Во времето на социјализмот во нашиот кривично-правен систем снимките добиени преку примена на мерката ‘контрола на телефон’ (прислушкување), добиени преку доследно почитување на тогашните законски одредби НИКОГАШ и во ниту една постапка не беа користени како докази. За нив се користеше една правна формула наречена ‘одвоени списи’ и како такви беа доставувани до судот со цел да ја дообјаснат суштината (обвинението) наведено во кривичната пријава, заедно со доказите. Во ниту една пресуда истите не беа користени како директни докази“.

Апсолутно точно! За жал, денеска сме сериозно и под стандардите на модерната европска правна пракса, туку и под стандардите на нашиот правен систем од пред неколку децении. Кој знае дали ќе собереме сила да го исправиме тој тежок фелер…

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...