Еби се, Европска Унијо!

Имаме шанса да бидеме попаметни и од Британците. Па сите заедно да запееме: „Fuck you, European Union!“ или на македонски, во фолк ритам: „Ај мори, пуста да останеш, еби се, Европска Унијо!“ Но, од другата страна на границите.

2846

„Еби се, Европска Унијо!“ е наслов на еден музичка точка во емисијата на фантастичниот шоумен, комичар и водител на ХБО, Џон Оливер, во 2016 година (Брегзит). Со прилично слободни (вулгарни) изрази, бендот ја гони ЕУ по ѓаволите на почетокот на песната. Но, брзо сфаќате дека овој урнебесен музички прилог од две минути е колку духовита, толку и остроумна и длабока анализа на насушната потреба на Велика Британија да остане во ЕУ.

Иако е две години стара, оваа песна сѐ уште се врти. „Полска е во депресија, во Шпанија е премногу топло, а и Литванија, каде е по ѓаволите? Словенија е, да бидеме искрени, прекрасна (само се шегуваме, и таа е за никаде)… Но, треба да бидеме усрано луди да излеземе од ЕУ“ – се пее во песната и се констатира: „Тие земји ни требаат…“

Во Велика Британија, таа европска и светска велесила, денес не се крие длабокото каење поради излегувањето од ЕУ. Побарајте од чичко Гугл да ви ја најде Fuck you, European Union и ќе се насмеете слатко. ОК, на еден дел од вемеровците на кои им ја пуштив, им се замрзна насмевката од пола натака. Други рекоа, тоа е, ептен се во право, ЕУ ни е потребна. Јас би додал, ЕУ ни треба неспоредливо повеќе отколку ние ним.

Навистина, ЕУ е една комплицирана, бирократска машинерија, бавна и превртлива, лицемерна, арогантна… Тоа е еден тромав политичко-бирократски механизам до кој проблемите често допираат со големо задоцнување, а разногласието меѓу членките само го засилуваат проблемот со слухот на унијата. Имате национални моќници од типот на Орбан, европскиот Ердоган, со една клеро-националистичка и ксенофобична позиција, изразена и во Полска, Словачка и неколку други. Италија што никако не може да се извлече од погубното владеење на Берлускони. Шпанија со сите пендреци удри на Каталонците. Брисел спокојно дреме…

Сето тоа може да се каже и око да не ви трепне. Ќе бидете во право.
Но! Ах, тоа „но“! Истовремено, зборуваме за унија каде што владее правото, социјалната и еколошката правда, безбедноста и сигурноста. Еднаквоста не е само лажна декларација. Не е ни толку добро колку што ЕУ сака тоа да го прикаже, но благосостојбата е можна и видлива насекаде. НАТО може да биде критикувано за катаљарда нешта, но е сојуз што и до сега ја гарантираше сувереноста на Македонија, а членството во тој сојуз ќе ја цементира нашата државност, безбедност и неповредливост на границите.

Приближувањето кон ЕУ, самиот процес (кој трае четири-пет години, иако во Хрватска траеше седум) веднаш ќе значи повеќе транспарентност и контрола на трошењето на јавните пари. Брисел можеби спие на едното уво за некои важни прашања и гази по дел од сопствените вредности, но беспрекорно се грижи за брз развој, добар стандард на граѓан(к)ите, за силна економија. Што значи тоа? Повисоки приходи за секого, добро образование и вработување – ете, тоа значи. ЕУ и НАТО, исто така, значи дека инвестициите се стабилни и сериозни, а не во стилот дојди-ќари-замини…

Кога Хрватска доби покана за членство во НАТО, веднаш потоа уследи и датумот за преговори (исто како во македонскиот случај, по Спогодбата со Грција). Во текот на истата година кога тоа се случи, инвестициите скокнаа, а невработеноста се намали. Внуците на еден мој пријател во моментов заработуваат нето 2.000 евра во едно мало хотелче на хрватското приморје. Да, Хрватска е дел од пазар со 500 милиони потрошувачи, повеќе од 250 пати поголем од македонсково ни пазарче. Знам, вртоглава е споредбата, но тоа е факт. И на дофат на раката.

Малку прочепкав по плановите на проклетата Европска Унија за нашава горда и вечна Македонија. Дури и ксенофобите можат да здивнат во една Македонија што е членка на НАТО, приближена до ЕУ, бидејќи само оваа година добивме 8,5 милиони евра помош за безбедност на границите, до година се резервирани 15 милиони евра за земјоделството, а во 2020 година, 18 милиони за реформи во правосудството и во полицијата. Се предвидува помошта на ЕУ за Македонија да надмине сума од 90 милиони евра, поточно околу 260.000 евра дневно!

Е, тоа е навистина примамливо за оваа земја, осиромашена од децениското дивеење на арамиите. Само треба силно да ги притиснеме нашиве функционери и политичари да сфатат дека тие пари не се за нивно богатење и луксузирање и дека не смеат повеќе никогаш да си играат со парите на граѓанките и граѓаните. Кој сака нека биде на власт, нема веќе играње со животот на луѓето!

Верувале или не, во тоа ќе ни помогнат механизмите на ЕУ и на НАТО. Тие исти механизми ќе ни донесат нови и добри патишта (не како овие што ги имаме сега), водовод и канализација (а не дупки со црвени ленти и лопати), пристојни училишта и градинки, барем за оние деца што ни останаа…
Имаме шанса да бидеме попаметни и од Британците. Па сите заедно да запееме: „Fuck you, European Union!“ или на македонски, во фолк ритам: „Ај мори, пуста да останеш, еби се, Европска Унијо!“ Но, од другата страна на границите.

ПС. Насловот на оваа колумна е тест за тоа дали се чита подолу од насловите. Пишете ми ако го видите овој пост скриптум.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...