За да можеме да лекуваме 90 отсто од пациентите, како што гледаме дека се бара од нас, треба да се отфрлат сите правилници и подзаконски акти што важат за примарното здравство! Со нив, наместо да се унапреди нашето работење и да се либерализира дејноста на матичниот лекар и неговата креативност и знаење, за жал, се направи една огромна блокада, дури и се зацементира целото функционирање и можностите на матичните лекари, вели д-р Лили Чолакова Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари на РМ, по сугестиите кои им беа упатени на вчерашното одбележување на Светскиот Ден на здравјето – 7 април.
Предлозите од учесниците на собирот се дека матичните треба да упатуваат само 10 отсто од пациентите кај специјалист во болница и на клиника, а не повеќе од една третина, како што е сега, дека универзална здравствена заштита може да се оствари преку силно примарно здравство, а сега многу услуги не се достапни на ова ниво па лекарите не можат да ги препишуваат ниту сите лекови и многу други забелешки.
Министерот за здравство, Венко Филипче, порача дека примарното здравство е клучно за заштита од заболувањата како и постигнување на интегрирана здравствена заштита со пациентот во центарот на вниманието е визијата и стратегијата на Министерството за здравство.
Д-р Чолакова објаснува колку матичните лекари се ограничени во секојдневната работа од Правилниците на Фондот и Министерството за здравство, а од нив се очекува да пружаат 90 отсто од сите услуги.
– И со Правилникот за упатување сме ограничени, иако токму за тоа имавме неколку работилници на кои ги предочивме сите проблеми, кои никој не се обиде да ги реши! А проблемот со препишување таблетарна терапија е со години присутен – ако пациент се пожали дека кашла од лекот што е аце инхибитор, на пример, ние не можеме да му дадеме друг лек за висок притисок, од кој не би требало да кашла, туку мора да го упатиме на специјалист за еден „лосартан“ да му се препише! Да, ние сме столбот на здравствениот систем и сигнализираме за сите промени и многупати сме апелирале и алармирале за проблемите, но често без повратен одговор. Прво, секаде има реформи освен кај нас во примарното здравство, еве во сиот здравствен систем се зголемија платите и надоместоците за дежурства, додека матичниот доктор е тој што на сопствениот грб и со свои средства ги понесе сите промени на електронското здравство во земјата. За нас немаше никакви субвеници, ниту кредити, па сами си набавувавме и компјутери, принтери, тонери и сѐ друго што требаше и тоа храбро го поднесовме – вели д-р Чолакова и нагласува: Да не го спомнувам примерот со колешката од Виница на која ѝ се заканува затворање на ординацијата бидејќи нема медицинска сестра и на која Фондот ѝ доцни со исплата на капитација.
Таа дава и друг пример каде исто така им се врзани рацете на матичните лекари.
– Иако во сите градови испитувањето за една обична хипотиреоза (пониско ниво на тироксин во крвта), може да се направи во болница, ние не може да го препишеме лекот што е за таа дијагноза и мора да креираме упат за специјалист или за клиника! Истото се случува и со статини – лекови за намалување зголемени масти во крвта… Алармиравме многу одамна, уште пред 7 години, но никако да се смени софтверот во аптеките за и ние да може да ги препишеме овие лекови, но ништо не е сменето, сѐ уште се бара препорака од специјалист – појаснува д-р Чолакова.
Таа порачува дека поддршката за примарното здравство треба да се засили, но „не само на зборови и демагогија“.
– Мора реформи да има и да се премине од зборови на дела, со што ќе се обидеме во земјата да ги задржиме и последните доктори кои сакаат да си заминат. Во измените на Законот за здравствена заштита ние предлагаме пациентот да бира матична амбуланта во која ќе ја добие услугата и лиценцата да гласи на приватната здравствена установа, што е поволно и за младите и за постарите колеги – додава таа.
–