Д-р Софија Пејкова: И за само 15 минути кожата и очите може да се оштетат од силното Сонце

Да се употребува фактор со заштитно дејство од минимум 30+ и тоа да се премачкува на секои 2 часа, дури и на облачни денови, пред и по капење или потење.  Светли површини, како песок и вода, го зголемуваат штетото влијание на Сонцето, зголемувајќи го УВ индексот, нагласува д-р Пејкова.

6075

Кога УВ индексот е на скала од 8 до 10, тоа претставува висок ризик врз здравјето на  пациентите од штетното влијание на Сонцето. При вакви високи вредности на УВ индексот, треба да обрнеме посебно внимание, бидејќи незаштитената кожа и очите може да се оштетат и да изгорат многу брзо. Времето потребно за да се оштети кожата е отприлика од 15 до 25 минути, значи е многу кратко и обично поминува  незабележително, вели во интервју за Плусинфо д-р Софија Пејкова, в.д. директорка на Универзитетската Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија во Скопје.

Таа раководи со установата на која се вршат комплицирани реконструктивни зафати на телото, но каде, за жал, сѐ почесто има пациенти на кои им се поставува злокобната дијагноза – рак на кожа (меланом), за чие настанување голем ризик фактор е токму прекумерното сончање.

                       Од изгореници до мутации и рак на кожата

Кои опасности по здравјето предизвикува неконтролираното сончање? Дали ако сме добиле изгореници уште како деца, тоа кожата го памти?
Неконтролираното сончање може да доведе најчесто до појава на изгореници на кожата кои се карактеризираат со топла, црвена и болна чувствителност на кожата. Директното влијание на УВ зраците може да предизвика и мутации на микроскопско ниво, односно да предизвика промена во ДНК на клетките на кожата и тоа да предизвика рак на кожата. Постојат неколку типови на рак на кожата, меѓу кои припаѓа и малигниот меланом. Тој е еден од најмалигните канцери познат на човечкиот организам и неговото задоцнето откривање резултира со висок морталитет. Нормално, кожата се оштетува и може да се појават сончеви пеги, флеки како и прерано стареење на кожата. Влијанието на УВ зраците може да ги оштетат и нашите очи, предизвикувајќи иреверзибилни промени. И да, кожата памти, се случува да изгореници коишто сме ги имале како помлади, да дадат последици и по неколку години после експозиција.

 

Дел од помладите, но има и повозрасни лица кои копнеат да имаат бронзен тен, мислејќи дека тоа сѐ уште е „in“, иако тој тренд од поодамна е „out“ во развиените земји. Меланомот ги напаѓа токму помладите, според статистиката, па дали неконтролираното сончање е уште поопасно за нив?   

– Сончањето е опасно кај сите, не само кај помладите. Се случува да има еден тренд на појава на малиген меланом кај помлади пациенти токму поради таа причина – неконтролираното сончање за време кога УВ индексот е највисок и штетното влијание на Сонцето е најсилно. Употребата на солариуми е докажан канцероген и тоа директно ги оштетува нашите клетки, предизвикувајќи мутации кои може да резултираат со појава на рак на кожата – објаснува д-р Пејкова.

                Заспале на плажа, па „заглавиле“ на Клиника  

Имате ли веќе пациенти со изгореници од сонце кои летово дошле кај вас на Клиника да побараат помош?

– Се случува пациенти да се обратат до нашиот Ургентен Центар или директно во амбулантите на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија поради изгореници од Сонце. Тоа се најчесто пациенти кои ненамерно биле изложени на Сонце (на пример при заспивање на плажа, при возење со брод, шетање без фактор) и тие пациенти бараат помош, бидејќи немале таква намера. Најчесто промените на кожата се црвенило, болна чувствителност, топлина и појава на оток. Во зависност од површината и здравствената состојба на пациентот, им даваме терапија за дома или го задржуваме за болничко лекување.

Совети до годишноодморците, но и до оние кои остануваат во градовите – Како да се сончаме, а да не изгориме? Да потсетиме, изгореници може да се добијат и ако сте во сенка, но и додека сме во вода, иако многумина сметаат дека тогаш се заштитени.

– Најдобра заштита за да не изгориме е, нормално, да не се изложуваме на штетните сончеви зраци од 11 часот до 16 часот. Доколу се наоѓате надвор, барајте сенка или носете на себе облека која е лесна и ги покрива сите делови од телото. Секако да се употребуваат и капи за Сонце, како и наочари со УВ заштита. Да се употребува фактор со заштитно дејство од минимум 30+ и тоа да се премачкува на секои 2 часа, дури и на облачни денови, пред и по капење или потење.  Светли површини, како песок и вода, го зголемуваат штетото влијание на Сонцето, зголемувајќи го УВ индексот – нагласува д-р Пејкова.

Колку пати во денот да се мачкаме со заштитни креми и дали со највисокиот УВ фактор – плус 50?

Како што напоменав претходно, да се мачкаме со заштитни креми на секои 2 часа или  и порано, доколку физички го остраниме факторот од нашата кожа. Во зависност од типот на кожа, треба да си го знаеме и нашиот фактор. Постојат фактори и со SPF 100, но тоа не значи дека сме скроз заштитени од Сонцето. Колку ни е посветла кожата, толку имаме и поголема шанса за оштетување на истата. И да напоменам, за крај, дека Сонцето не е наш непријател, токму напротив, треба разумно да ги искористиме придобивките кои ни ги нуди.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...