Д-р Николиќ: Горан чека цела година да добие срце, итни законски измени за приватни болници да може да трансплантираaт срце

Се надевам дека ќе има можност што побрзо да се изврши таа трансплантација. Ние сме технички и кадровски подготвени, единствено законите не спречуваат во тоа. Единствено во Македонија и во БиХ не се врши трансплантација на срце, рече д-р Николиќ.

315
ФОТО: МИА

Неопходно е итно да се направат измени во Законот за трансплантација, за да може на приватни здравствени установи да им се дозволи да вршат трансплантација на срце и да се најде донор за пациентот на кого пред една година првпат во државава му беше вградено вештачко срце. Станува збор на 47-годишниот Горан Спиров од Штип, кој се чувствува добро и прави редовни контроли со желба да добие човечко срце кое ќе му биде трансплантирано.

Ова денеска го истакна проф. д-р Александар Николиќ, шеф на Одделот за кардиохирургија во Клиничката болница „Аџибадем Систина“, кој ја изврши оваа операција.

– Се надевам дека ќе има можност што побрзо да се изврши таа трансплантација. Ние сме технички и кадровски подготвени, единствено законите не спречуваат во тоа. Единствено во Македонија и во БиХ не се врши трансплантација на срце. Инаку,  пациентот се чувствува одлично, а и по една година од интервенцијата, Горан Спиров живее за моментот кога ќе добие и природно срце. Помина една година откако во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ му беше вградено вештачко срце. Ваква операција тогаш се изведе за првпат во земјава, а тимот доктори е горд што Спиров има енергија, оптимизам и волја да освојува и нови предизвици – рече д-р Николиќ.

Тој додаде дека по првото вградување вештачко срце во Клиниката се извршени и други интервенции.

Горан: Очекувам во иднина да добијам природно срце

Со насмевка на лицето и благодарен што секое утро се буди и може да ги извршува секојдневните обврски, Горан Спиров вози автомобил, пешачи и ужива во секојдневието.

47-годишниот штипјанец е првиот пациент кој доби вештачко срце во земјава, а револуционерната операција ја изврши проф. д-р Александар Николиќ. 

– Ако не беше доктор Николиќ, којзнае што ќе се случеше со мене. Сега се чувствувам добро, но ќе биде уште подобро со ново срце. Апаратот со вештачкото срце тежи седум килограми и постојано морам да го носам. Но,  најважно е што се будам секое утро и што сум жив. Сега сум како нинџа-желка, на грбот постојано носам седум килограми. Се надевам и очекувам во иднина да добијам природно срце“, рече 47-годишниот штипјанец. 

Спиров вели дека се навикна на апаратот, без кој не може да функционира вештачкото срце. Со д-р Николиќ се постојано во комуникација  пред сè поради редовните контроли кои мора да ги прави во Клиничката болница „Аџибадем Систина“.

Вештачкото срце ги заменува сите функции на здраво срце и тоа им дава можност на пациентите да продолжат да живеат додека да се најде донор за трансплантација.

Д-р Николиќ нагласи: 

– Една година по интервенцијата, пациентот се чувствува добро. Се надевам дека ќе добиеме можност што поскоро да извршиме трансплантација на природно срце кај овој пациент. Технички и кадровски сме подготвени, но законите засега не го дозволуваат тоа. Најголема желба на Горан е да добие природно срце и да може да има нормален живот. Тој и со вештачкото срце може да функционира и да ги извршува секојдневните активности, вози автомобил и прави контроли на секои две недели. Но, најдобар комодитет ќе има со природно срце. Во моментов законите не дозволуваат приватните болници да вршат трансплантација на срце. Јас мислам дека тоа треба да се промени бидејќи во Европа и во Америка лидери во трансплантацијата се токму приватните болници. Законот треба да биде изменет и кај нас, со тоа што државата ќе има надзор над таквите трансплантации“, изјави проф. д-р Николиќ.

Тој додаде дека  во државата моментално има над 15 пациенти кои се кандидати за трансплантација на срце и дека Клиничката болница „Аџибадем Систина“ е подготвена  и има ресурси да изврши трансплантација на природно срце.

Во „Аџибадем Систина“ досега вградени три вештачки срца

Во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ досега се вградени три вештачки срца.

Механичкото срце е со иста големина како и природното. Се напојува со батерија, којашто, по излегувањето од болницата, пациентот ја носи во специјален ранец на грб, со тежина од седум килограми. Вградувањето механичко срце е тренд во светската кардиохирургија, со оглед на фактот што сè потешко се доаѓа до донорско срце.

Очекувањата се дека во иднина, до крајот на оваа или почетокот на идната година, ќе биде изработено вештачко срце што ќе биде бесшумно и безжично. Во моментов,  постои и иницијатива за формирање клуб на пациенти со вештачко срце. 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...