Д-р Емилија Котевска Аврамчева: Мојот дијабет го лекувам со канабис масло со ЦБД

Освен што ми се намали нивото на шеќерот, сега немам хипогликемија која се појавуваше при земањето на лекови .и што е најважно, при лекувањето со масло од канабис со ЦБД се отстрануваат токсините кои се штетни за крвните садови и доведуваат до оштетување на видот, вели нашата соговорничка која најчесто препишува масло од канабис за своите пациенти кои боледуваат од епилепсија, Алцхајмер, Паркинс, кожни заболувања - псоријаза, а вели дека има добри резултати и кај зависници.

4919

Нашата соговорничка доктор Емилија Котевска Аврамчева заминала од Македонија, поточно, како што вели, се вратила во Полска во 1986. година.

„Јас сум родена во Полска и таму живееја моите родители, па во 1986.година кога мојата ќерка требаше да се запише во училиште, а и политичката ситуација во тогашна Југославија после смртта на Јосип Броз Тито веќе не беше многу добра, а чувствував дека ќе стане и полошо, заминав во Полска и тука сум веќе 33 години.

Медицинскиот факултет го завршив во Скопје, а по дипломирањето станав лекар на ФАКОМ и почнав да работам во Институтот по Трудова Медицина Скопје кадешто почнав со специјализација по Трудова Медицина, што не ми се допаѓаше многу. Имено, во тое време немавме можност да избираме специјализација – не одбираше компјутер и тој одредуваше кој каде ќе работи.. Не бев задоволна да работам во фабрика и да специјализирам нешто што не ми се допаѓаше. Кога пристигнав во Полска, после еден месец веќе бев вработена во болница и започнав со специјализација по интерна медицина.

Тоа многу се разликуваше од работата во Македонија, каде почнував со работа во 7 наутро, а по пат требаше да ги однесам и децата во градинка. Овде го работев тоа што ми се допаѓаше, а за децате се грижеа моите родители. Ми беше полесно и поинтересно. По завршување на специјализацијата  добив понуда да работам на Неврохирургија – новоотворен оддел, кадешто како прва во Полска почнав  со  правење на ЕЕГ како Brain Mapping – тоа беше во 1991.година. После едногодишно специјализирање во Клиника во Варшава, се здобив со лиценца по електрофизиологија. Тогаш сфатив дека треба да завршам  специјализација по неврологија и така, после 4 години станав невролог. Во меѓувреме почнав со запишување на први  постдипломски студии за економија, управување и организирање на медицински установи. После двегодишно завршување веќе бев спремна да ја отворам првата приватна медицинска организација во регионот, со целосно финансирање од страна на Фондот за здравство. Започнавме како Примарна установа – со матични лекари, денеска имаме 30 специјалистички амбуланти, рехабилитација, психијатрија. Почнавме со 1.500 пациенти,  денеска лекуваме 60 илјади пациенти, со повеќе од 100 вработени. Со добра организација, супер современа опрема и најдобри специјалисти создадов една од најсовремените медицински установи во регионот“, раскажува докторката.

Иако веќе се здобила со пензија, како сопственик и директорка на Клиниката, таа активно работи како невролог и дневно има по 40 пациенти, месечно по 800, а  годишно дури 10 илјади.

Кај возрасните пациенти, вели, најчести дијагнози се епилепсија, Паркинсонова болест, Алцхајмерова болест, главоболки, вертиго, ишијалгија, болки во  кичмата, стрес, депресија, а кај децата, аутизам, епилепсија, главоболка.

Бидејќи често учествува на Конгреси и предавања поврзани со медицина  и здравство, посебно кога се појавуват новитети, докторката пред 3 години го посетила и саемот за медицинска марихуана во Варшава, кадешто присуствувала на неколку предавања на лекари и родители кои своите деца ги лекувале со тој производ.

„На саемот купив неколку производи, претежно, масло со ЦБД кое го применив кај болните во својата фамилија , а и на себе бидејќи сакав да знам како ќе делува на мојата шеќерна болест. После неколку месеци се појавија  првите сознанија – да, медицинската марихуана делува, ги намалува болките, го намалува шеќерот во крвта, ги подобрува параметрите на крвната слика, подмладува. Имено, лекувајќи го мојот дијабет со масло со ЦБД се постигна намалување на нивото на шеќерот.

Исто така, сега немам хипогликемија која се појавуваше при земањето на лекови и што е најважно, при лекувањето со масло со ЦБД се отстрануваат токсините кои се штетни за крвните садови и доведуваат до оштетување на видот .

Веќе е познато и докажано дека масло со ЦБД и ТХЦ  најдобро делуваат кај невролошки болести. Во својата клиника им препишувам на моите пациенти препарати од ЦБД масло, а од пред 2 месеци  и цветот од медицинска марихуана со 17%. Секаде кадешто го применувам маслото од канабис покажа добри резултати. Најчесто препишувам за епилепсија, Алцхајмерова болест, Паркинсонова болест, болки од секаков вид, кожни заболувања – псоријаза, има добри резултати и кај зависници – посебно од тешки наркотици и никој не може да се предозира. Имам неколку случаи лекувани од борелиоза. Важно е дека нема нус појави при лекување со масло со ЦБД“, вели д-р Котевска Аврамчева.

На прашањето, колку е квалитетно маслото од канабис кое може да се најде во аптеките кај нас, докторката вели: „Маслото со ЦБД  кое се продава во Македонија е со одличен квалитет и ги исполнува стандардите на ГМП. Препаратите на Реплек беа споредувани со полскиот препарат Gold Cannabis и во ништо не се разликуваат по квалитет од нив. Во тек се преговори  за купување на препарати со ЦБД масло од Реплек, од страна на полска фирма“.

Нејзината препорака до македонската влада е, како прво, да им дозволи на сите доктори, како што е практиката и во Полска, да имаат право да ги ординираат препаратите од канабис, со добро образложена медицинска документација.

„Кога сите можни препарати што ги употребиле на пациентот, не би дале успешни резултати, тогаш да го применат маслото од канабис. Тоа е посигурно и испитано од тоа што се купува на црниот пазар, за кое никој не води сметка како се прави па може да донесе повеќе штета отколку корист.
Второ, да се обучи цел медицински персонал, вклучувајќи ги и медицинските сестри, или воведување на предмет – лекување со медицинска марихуана на медицински и фармаколошки факултет.
Овозможување за купување на медицинска марихуана во аптеките, на рецепт – кое веќе се продава во Полска, но под строга контрола на Министерството за здравство. Со тоа ќе се спречи црниот пазар, државата ќе заработува од данокот, а пациентите ќе знаат што примаат. Светот оди во тој правец, светските компании купуват сѐ повеќе фирми кои одгледуваат коноп и се занимаваат со производство на сѐ повеќе препарати од нив. Со сѐ поголема употреба во многу гранки во индустријата – фармација, козметика, прехрана. Доаѓа време кога на марихуаната нема да се гледа како на штетно растение и ќе се согледаат благодетите од тоа благословено растение кое се употребувало уште од пред 5000 години во Кина, Индија, на Блискиот Исток и на Балканот“, порачува д-р Котевска Аврамчева.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...