Бројот на заболени од сифилис е дефинитивно зачестен, а, за жал, секогаш е поголем од оној на заведените случаи во Институтот за јавно здравје. Најзастапена сексуално пренослива инфекција е ХПВ (Хуман папилома вирус) инфекцијата и појавата на гениталните брадавици или кондиломи, вели за Плусинфо д-р Дејан Филиповиќ, дерматовенеролог на ЈЗУ Универзитетската Клиника за дерматологија во Скопје.
Во 2018 година во Институтот се пријавени 8 случаи на сифилис, што е двојно повеќе во споредба со претходната година. А во изминативе 10 години се регистрираат поединечни случаи, додека најмногу заболени од сифилис се регистрирани во 2010 година – вкупно пет.
Случај на заболен од сифилис е пријавен и во февруари во ИЈЗ. Ни се враќаат ли сексуално преносливи болести, за кои сметаме дека се веќе искоренети?
– Сексуално преносливите болести никогаш и не биле искоренети во целост, а се јавуваат кај сексуално активната популација, без разлика на годините.
Дали некоја двојка дошла да се информира на Клиниката за тоа на што сѐ да внимаваат откако започнале со сексуални односи?
– Досега не сме имале таков случај, но докторите од Клиниката со задоволство би помогнале со совет на секоја двојка која би се обратила кај нас. Инаку, во државата постојат Центри за репродуктивно здравје и советувалишта во кои сексуално активните двојки или поединци можат да се обратат за совет и консултација во врска со дилемите околу сексуалното здравје.
Зошто е опасен сифилисот, кој може да заврши дури и со смрт, и кога некој да се посомнева дека е заразен?
– Сифилис претставува заразно заболување кај човекот што го предизвикува бактеријата Treponema pallidum. Се пренесува преку директен контакт, со лезија за време на примарниот или секундарниот стадиум. Нелекуваниот сифилис може да помине низ 3 стадиума. Сифилисот започнува со примарен и секундарен стадиум на кожна инфекција која може да заврши без дополнителни последици или може да еволуира во латентна фаза која трае со месеци или години пред реткиот, терциерен стадиум, што се карактеризира со појавата на кардиоваскуларни, невролошки или длабоки кожни компликации. Кај примарен сифилис се јавува тврд, безболен улкус до големина од 2 см. Други симптоми не се присутни и затоа сифилисот е многу тежок за откривање. Најголемиот ризик за пренос се случува за време на примарниот, секундарниот и раниот, латентен стадиум на заболувањето. Пациентот може најмногу да ја шири заразата во тек на една до две години од инфицирањето.
Кои се најопасни од овие заболувања по сексуалното и општото здравје и како некој да дознае дали се заразил? Го плаќаме ли данокот од негрижата за овие болести подоцна кога сакаме да станеме родители, а дознаваме дека некоја инфекција која лесно можело да се излекува, оставила последици?
– Најопасна од сите сексуално преносливи инфекции (СПИ) е секако ХИВ вирусот, поради компликациите кои ги остава по човековото тело и хроницитетот на заболувањето, но за среќа честотата на инфекција со ХИВ не е толку висока. Редовни контролни прегледи и строга интимна хигиена, како и правилна употреба на презервативи се круцијални во зачувување на сексуалното здравје. Рана детекција на многу од СПИ е можна со обична исцрпна историја од пациентот и физикален преглед, а понатамошните иследувања се микробиолошки брисеви и испитувања на крвта. Токму поради можноста за рано откривање на инфекциите со неинвазивни постапки, со правилна едукација на населението, грижата за овие болести претставува рутина што секој сексуално активен човек треба да ја практикува.
Зошто и младите и постарите треба да се грижиме за сексуалното здравје и да ги излекуваме сексуално-преносливите болести?
– Сексуално преносливите инфекции претставуваат, како индивидуален ризик за сопственото репродуктивно и сексуално здравје, така и општествен и здравствен товар поради нивната честота и лесен начин на пренос. Кондомот претставува најевтино и најдостапно средство за заштита од СПИ.