Д-р Гуржанова: И на самохрани родители им се овозможува ин витро, дури и со дониран материјал

1096

Њуборн клиниката има договор со Фондот за здравствено осигурување на Македонија за ин витро постапки, дури и за оние кои се со дониран биолошки материјал, објаснува д-р Татјана Гуржанова, специјалист акушер, гинеколог и ИВФ специјалист, во Центарот за плодност „Newborn Clinic“.

После колку време во обидување да се стане родител по природен пат, треба да се почне со подетални испитувања или да се донесе одлука за вештачко оплодување?

– За еден пар да се прогласи дека има проблем со стерилитет, дали од страна на машкиот партнер или пак, од женскиот партнер, потребно е да помине една до две години, во зависност од возраста на обата партнера, како и од желбата да станат побргу родители. Тоа значи дека треба да имаат редовно незаштитени односи една до две години, и доколку не настане бременост, треба да започнат со испитувања кои ќе дадат насока со каков третман да се почне. Не мора веднаш да се одлучат на вештачко или ин витро оплодување, успехот може да се постигне и со промена во исхраната, во животните навики или со инсеминација.

Какви испитувања за плодност нуди клиниката Њуборн?

– Њуборн клиниката има широк дијапазон на дијагностички испитувања кои индивидуално се одредуваат, исто како што индивидуално се пристапува кон терапија и третман. Базично што секој пар, маж и жена, треба да направат е спермограм кај машкиот партнер, а ултразвучен преглед и хормонален статус кај женскиот партнер, при тоа сметајќи дека женскиот партнер претходно одел редовно на гинеколог и правел редовни ПАП тестови и микробиолошки брисеви.

Кои техники за вештачко оплодување ги применувате? Постојат ли индивидуални протоколи за секој пациент?

– Третманот започнува со информирање за начинот на живот, исхраната, професионалната оптовареност, изложеноста на стрес кај пациентот, и многу друго. Се воспоставува поблиска врска со пациентот, бидејќи не можеш некому да помогнеш доколку не го разбереш, доколку не му ја почувствуваш болката. Потоа, следуваат иследувања, за потоа да се започне со крајно внимателно одбран индивидуален третман со кој би се очекувало најмногу успех, со најмал трошок за парот или пациентот. Третманите се бројни, од промена на животен стил преку инсеминација па сѐ до ин витро со генетско испитување на ембрионот и генска експресија на ендометриумот како најсофистицирани техники во третман на стерилитетот. Многу се обрнува внимание на хормоналниот баланс не само кај жената туку и кај машкиот партнер.

Вашата клиника е позната по големата стапка на успех со донирани јајни клетки и сперматозоиди. Од каде го нарачувате овој материјал?

– Биолошкиот материјал се нарачува од реномирани европски банки, каде се селектираат донорите по европски критериуми, односно, со генетско испитување на донорите, како и општата здравствена состојба со семејна оптовареност. Претходно, парот, кој ќе се одлучи за ин витро со дониран материјал, поминува низ легална процедура која е задолжителна за секој кој сака да стане родител на тој начин. Либералноста во законите за биопотпомогнато оплодување во Македонија е во тоа што не само на пар, туку и на самохрани родители им се овозможува ин витро постапка, дури и со дониран материјал, јајни клетки и сперматозоиди. Во Македонија постапката на ин витро може да биде на товар на Фондот за здравствено осигурување, дури и за ин витро со дониран биолошки материјал – јајни клетки, сперматозоиди или ембриони.

Освен што сте специјализирани за ин витро, какви други прегледи можат да се направат во Њуборн клиниката?

– Во нашата клиника покрај дијагностика и третман на инфертилитет, се следат бремености, дури и ризични, со 4Д ултразвук, ЦТГ, се прават гинеколошки прегледи со ПАП тест, колпоскопија и микробиолошки брисеви, се прават кратки дијагностички процедури како биопсија, пункција на циста, како и оффис хистероскопија и во дијагностички цели, но и за третман на одредена патологија на матката.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...