И не дека овој народ не е навикнат на поплави, исти гледаме речиси секогаш кога имаме мали и големи временски непогоди, но со исти се среќававме на уште поголемо ниво со сите нови сценарија и планови со кои се прекројува нашата држава, со ветување на светла иднина, а патем најважните докази од најновата историја случајно или не, потонаа во една недобро инсталирана канализација на едно убер потребно, специјално формирано судство до пред само некое време.
И кога ќе помислиш на поплава, обично помислуваш на онаа што може да го задеси подрумот во куќата, доколку го имаш или онаа што може сите фекалии од маало да ги извади баш низ шахтата пред твоето живеалиште, токму утрото на првиот пролетен дожд. И додека декади говоревме за истите тие мали или големи поплави, нивна санација, носење битни решенија кои ќе направат видлива промена, нам не си случи една антиквизациска поплава која на површина ги извади евтините материјали и дебелите криминали на претходната власт, за сега веќе да се занимаваме со една малку поопсежна, подлабока или поширока поплава (како сакате наречете ја), која за мене во случајов е духовна, интелектуална, политичка, историска, јазична поплава, а за која за жал верувам дека е најголемиот пораз, голем, вековен пораз. Оваа поплава со неа зеде многу жртви, а соседите наместо да ни помогнат (како ние во неколку случаи претходно нив, буквално), воопшто не се одважија, за да подигнеме заедно заштитни ѕидови, туку од нивните страни место вреќи со песок, фрлаа солна киселина и разјадувачки материјали со кои и така уништените канали по кои егзистиравме како народ се распаднаа. Но добро е, друг ќе каже, сега барем ќе изградиме едни нови канали, високи, длабоки, цврсти, а кога и што ќе изгубиме во меѓувремене, ние едноставно мора да занемариме и уште малку да се понадеваме на светоста на „ЌЕ“-то на политичарите – минати, сегашни, идни.
Родовата еднаквост и важноста на двата пола да бидат интегрирани со исти права во општеството ја докажавме повторно околу празникот на мајката, опссс извинете, на жената, а исто така и потребата од тоа да се биде маскиран, ако не секој ден барем тогаш кога сите решиле да прошетаат со маски, кој на карневал, кој со маската на сопствените маки, нејсе, за на крај поплавата да потпишеме дека е вистинска и се случува во континуитет, но да ја потпишеме по можност со сваровски кристали на пенкалата.
Сѐ помалку оптимисти или опортунисти се среќаваат по улиците, ретко кои се убедени дека набрзо ќе се случат тектонските промени кои ќе влијаат директно на граѓаните, односно на нивниот помирен и побезбеден живот, уште помалку на некакво подобрување во егзистенцијален контекст. Овде веќе станува страв да се разболиш, да ти падне заб или не дај помисла, да излезеш сам, може и да исчезнеш, сега дали за органи или од сопствена агонија, па и тоа нема кој да ти го потврди.
Станавме чуден звук од расипан кавал кој не се ни поправа, а не може ни да се замени со друг кавал, оти модерно и европски било тој да биде заменет со некој светски инструмент, по можност со европска маркица или знаменце на него и со декларација дека е произведен во некои од понудените компании од надвор, за да можат да ти се рефундираат средствата со кои духовниот кавал го оставивме да изгние од прашина и го користиме само за митинзи и политички кампање, но кога дошло време да се фрли, што дека?! Е сега квалитетот на музиката, како и квалитетот на духовноста која наскоро Велигденски како поплава ќе ни дојде, стихијно, со по неколку стотина икони за споделување за среќа и по некое скршено јајце и се разбира останатите ќе бидат фрлени, баш така, расипани, како и се друго во последно време, на крајот од поплавата, на некоја новоникната, непријавена депонија на која сѐ уште може да се најде медицински отпад, неколку мртви непознати тела од животни или војници од минатото, чии коски претходно биле извадени од костурниците кои впрочем би требало да бидат заштитени со закон, а кај многу од тие објекти нема ни осветлување, а камоли чувари.
А после поплавата, после новите ветени канали по европски стандарди, може ЌЕ ни текне да говориме, евентуално, за браната која ќе го заштити народот и семакедонското кое ЌЕ остане, ако остане, де, ако не, што, голема работа?! Барем се навикнавме да велиме секогаш кога нѐ не бива: „Дај други деца“, овие отидоа со поплавата…
Автор: Митко Гогов