Дурловски спрема културна програма за ВМРО-ДПМНЕ, ќе биде ли и носител на изборна листа?

Дурловски открива дека во моментов е посветен на подготовка на програмата за обнова на македонската култура.

2813

ВМРО-ДПМНЕ почна да се подготвува за предвремените парламентарни избори на 12 април, на кои како што неодамна најави претседателот Христијан Мицкоски со нови имиња ќе бие битка за победа.

Во партијата велат дека во општинските комитети во тек е анализа на можните кандидати за пратеници, а неофицијално се споменува дека во освежувањето на кандидатските листи за пратеници што ќе ги понуди Мицкоски не е исклучено да се најдат пејачи, актери, истакнати професори, спортисти.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ најави дека најголемиот дел од кандидатите за пратеници ќе бидат лица кои претходно не биле пратеници, но и лица кои не биле дел од партијата. Во тек се анкети за луѓето кои се дел од јадрото на ВМРО-ДПМНЕ, но и од јавниот општествен живот и не се политички определени, а во предвид се имиња на околу 500 личности. Откако ќе завршат анализите, велат во партијата, на крајот тие што котираат највисоко, ќе треба да бидат потврдени и од Централниот комитет.

Извршниот комитет на партијата неодамна го постави генералниот секретар Игор Јанушев за шеф на изборниот штаб.

Оперскиот пејач со светско реноме Игор Дурловски, неофицијано се споменува како еден од носителите на листата за пратеници, а извори во партијата велат дека тој би можел да ја предводи битката во втората изборна единица.

Дурловски за Плусинфо открива дека во моментов е посветен на подготовка на програмата за обнова на македонската култура.

– Како член на тимот на стратешки советници на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, за делот од културата мојот актуелен ангажман е во изработката на досега најтемелната и суштинска програма за обнова на културата, која во изминатиов период е девастирана и како процес и како систем ѝ се потребни стратешки планови, активности и мерки за рехабилитација. Потребна е обнова на срушениот систем и на комплетната пародија на грижата за културата, културните работници, на реализацијата на проектите и општото цунами кое ја потопи државата во изминатиов период, за што сведоци сме и вие и сите граѓани кои заслужуваат подобро, поуспешно, поефикасно и поефективно работење за доброто на културата воопшто – вели Дурловски.

Во врска со прашањето дали би прифатил да биде носител на листа во ИЕ 2, Дурловски вели дека ќе даде целосна поддршка на листите на ВМРО-ДПМНЕ, независно кој ќе биде носител, кога крајната цел е обнова на Македонија.

– На хипотетички прашања можам да одговорам само хипотетички и одговорот би се движел во насока дека ќе ги поддржам листите на ВМРО-ДПМНЕ без разлика кој би бил носител или дел од листата, со ист и несмален интензитет поради фактот што таа листа ќе ја доведе до победа партијата и ќе ја забрза обновата на Македонија во сите пори на општеството. Ирелевантно е да се зборува за конкретни прифаќања или одбивања на понуди кои можеби ќе се или веќе се дадени или можеби ќе се однесуваат на изборна единица бр. 2 или на други изборни единици согласно постоечките закони. Или една изборна единица како што исто така хипотетички се разговара во јавноста – додава Дурловски.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...