Дури 20 отсто од младите злоупотребиле дроги, а речиси 7. 000 лица ги инјектираат

235

Употребата на дроги не е новост, ниту реткост и во Македонија. Речиси 9 отсто од македонските граѓани пробале нелегални дроги во текот на животот, што е случај за речиси 19 отсто од младите од 15 до 24-годишна возраст. Околу 1,1 отсто од граѓаните во Македонија пробале опиоидни дроги, а бројот на лица кои ги употребуваат со инјектирање се проценува на околу 6 800, се оценува во резимето за  Квалитетот на програмите за лекување на зависности во Македонија на ХОПС.

Ова резиме е извадок од анализата за Квалитетот на програмите за лекување на зависности во Македонија, која во целост е достапна на интернет-
-страницата на ХОПС.

Супституциското лекување за опијатна зависност во Психијатриската болница Скопје, како што се наведува во резимето, датира од раните осумдесетти години на 20иот век, додека, почнувајќи од 2005 година, а со поддршка од Глобалниот фонд, лекувањето беше дисперзирано во уште 9 градови низ државава.

Целата анализа, која содржи преглед на актуелната состојба во програмите за лекување на зависности од перспектива на пациентите, ќе биде објавена утре по повод 26. јуни – Mеѓународниот ден за борба против дрогата и започнувањето на кампањата „Поддржи, не казнувај“. 

Како што соопштуваат од ХОПС – Опции за здрав живот Скопје, на овој ден сите влади во светот ја информираат јавноста за успесите кои тие ги постигнале во решавањето на прашањата поврзани со употребата на дроги. Граѓанскиот сектор ширум светот на истиот ден ја организира кампањата „Поддржи, не казнувај“, преку која ги потенцира клучните проблеми во однос на политиките за дроги.
ХОПС веќе 5 години се дел од оваа кампања, а годинава фокус на кампањата е проблемот со лекувањето на зависности. 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...