Осум нови смртни случаи поради грип се пријавени во Институтот за јавно здравје во текот на изминатата недела, а јавноста во овој период беше известена само за двајца починати. Еден од новопријавените смртни случаи починал околу 20. февруари.
– Пет починати лица се од Скопје, а по едно од Делчево, Охрид и од Кавадарци. Петмина од нив починале во ГОБ „8. Септември“, од кои четворица минатата недела и еден случај бил пријавен со задоцнување од претходните недели. Две пријави се од Клиниката за инфективни болести и едно од Клиниката за детски болести. Кај 7 лица е утврдена претходна болест. Само едно е дете на 12-годишна возраст и една помлада жена, на 26-годишна возраст, која имала церебрална парализа, а сите други починати се постари од 60 години. Тие биле болни најчесто и од дијабетес, срцеви заболувања и ХОББ. Кај сите починати е докажан инфлуенца А вирусот, од кои кај 5 лица е потврден А (H1pdm) вирусот на грип – изјави д-р Гордана Кузмановска, епидемиолог во Институтот.
Таа појасни дека едно од лицата починало во 7. недела од годинава, а било пријавено со случаите кои се евидентираат до 3. март. Досега грипот однесе 11 жртви.
А за тоа зошто се доцни со пријавата на починатите од грип, кога е во ек ова заразно заболување од кое, според Законот за заштита од заразни заболувања, здравствените установи се должни за еден ден да ги пријават новите смртни случаи, д-р Кузмановска рече:
– Пријава за починато лице треба да се достави во Институтот за јавно здравје во рок од 24 часа. Не сите здравствени установи навреме ни доставуваат пријави за починатите од грип – потврди д-р Кузмановска.
Активноста на вирусот на грип и натаму е висока, а од 100 примероци кои биле испратени на анализа во минатата недела, дури кај 80 отсто бил докажан вирусот од типот А Х1 Н1 (сезонски грип), кај 11 отсто типот Х3Н2, а кај 9 отсто тип А (несубтипизиран).
– Грипот можно е да изненади со нов бран, вирусот на инфлуенца е подложен на многу надворешни промени во генетската и антигенската структура – додаде д-р Кузмановска.
Oд 25.02 до 03.03.2019 се пријавени нови 2.678 случаи на грип, па сега има вкупно 15.200 заболени во оваа сезона.