Дури и поплавена, Венеција полна со туристи

Новинските екипи известуваат дека во градот престојуваат голем број туристи, повеќе од очекуваното, кои носат високи гумени чизми за да можат да одат по поплавените области на градот.

157
ФОТО: EPA / ANDREA MEROLA

Венеција се враќа во нормала, откако поради плимата беше поплавена трипати во една седмица. Според метеоролошките прогнози нивото на водата се спушта, а денеска повторно се отворени училиштата, соопштија градските власти.

Околу 70 отсто од Венеција, која е под заштита на УНЕСКО, беше поплавена вчера, кога нивото на водата се искачи на 150 сантиметри над морето.

Плоштадот Свети Марко, најниската точка во градот, и натаму е поплавен и затворен за туристи, а стотици волонтери им помагаат на граѓаните да се соочат со оваа опасна и вонредна ситуација. Но, новинските екипи известуваат дека во градот престојуваат голем број туристи, повеќе од очекуваното, кои носат високи гумени чизми за да можат да одат по поплавените области на градот.

Со четири плими над 140 сантиметри од понеделникот, изминатата недела беше најлоша од почетокот на мерењето на плимата во Венеција од 1872 година.

Градоначалникот Луиџи Бруњаро процени дека штетите од поплавите во градот изнесуваат околу една милијарда евра.

ФОТО: EPA / ANDREA MEROLA

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...