
Шар Планина, претставува едно од најзначајните подрачја за зачувување на природата на национално, регионално и европско ниво. Од италијанското Министерство за животна средина, земјиште и море и локални партнери се изработува социо-економска студија за подрачјето на Шар Планина и по нејзиното комплетирање почнува законската обврска за отпочнување на постапката за прогласување на Шар Планина за национален парк.
Ова денеска го истакна министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураку на конференцијата на тема „Шар Планина – треба ли да биде прогласена за Национален парк” во организација на Балканскиот институт за регионална соработка.
– МЖСПП го изготвува конечниот Предлог-закон за прогласување на Шар Планина за национален парк и со извештајот од јавната расправа ќе ги достави во владина процедура, а по гласањето во Собранието на РМ, Шар Планина ќе биде прогласена за национален парк – појасни Дураку.
Со прогласувањето на Шар Планина за национален парк, според Дураку, ќе се овозможи заштита, зачувување, унапредување, развој, промоција и афирмација на природните вредности на ова подрачје.
Тој, како што соопшти ресорното Министерство, информирал дека е изработена прва Нацрт-верзија на Студијата за валоризација на Шар Планина и дека втората фаза од оваа активност е во тек, а за која се очекува финалната верзија на Студијата да биде завршена во текот на 2019 година.