Министерството за животна средина и просторно планирање предводено од Садула Дураки е во процедура на набавка на телефонска централа, за што е склучен договор со Македонски Телеком АД Скопје, соопшти Министерството.
– Телефонската централа која треба да се набави има вграден хард диск кој што служи за зачувување на потребните конфигурациски фајлови и системски пораки како на пр. дојдовни пораки, пораки за говорно сандаче и сл., а за да биде активирана споменатата услуга за снимање на разговори, потребно е претходно да биде активирана лиценца за снимање на разговори. Министерството за животна средина и просторно планирање има предвидено да отвори Контакт центар, каде што граѓаните ќе имаат можност да пријават загадувач и за чија цел ќе биде набавена и потоа активирана лиценца со помош на која телефонската централа ќе има можност за снимање. Снимањето ќе биде на само еден говорен канал (телефонската линија на контакт центарот). Истата ќе се користи заради подобрување на квалитетот на услугите према граѓаните, додека работењето на контакт центарот ќе биде во согласност со националната легислатива и законот за заштита на лични податоци, стои во соопштението.
Од таму додаваат дека снимањето на телефонските разговори е стандардна функционалност на сите нови телефонски централи од сите реномирани производители и секако опремата која ќе биде набавена никако не преставува специализирана опрема за снимање и прислушкување на телефонски разговори.