ДУИ митингува за Пендаровски по ресторани кај свои блиски

1017

Партиите на Албанците ДУИ и ДПА освен што учествуваат во кампањата „Заедно напред“ на кандидатот за претседател Стево Пендаровски водат и паралелни партиски кампањи за кои досега не доставиле извештаи до ДИК и до Антикорупциската комисија. Плусинфо се обиде да дознае колку пари потрошиле партиите на Али Ахмети и Мендух Тачи во партиското митингување, но прецизен одговор нема. Од ДУИ велат дека станува збор за ситна пара која ја покрива партијата, а од ДПА не добивме одговор.

Од ДИК велат дека нивна обврска е да го објават финансискиот извештај за првите 10 дена од кампањата на кандидатите за претседатели, но не и да навлегуваат во содржината на истиот.

Од Антикорупциска се децидни дека за секој денар вложен во кампањата треба да се знае изворот. Од таму најавија дека допрва на седница ќе ги разгледуваат финансиските извештаи од кампањата.

По објавата на финансиските извештаи за потрошеното во првите десет дена од кампањата, во извештајот на кандидатот за претседател Пендаровски е наведено дека парите за кампањата се од донатор и од членарина на членовите на СДСМ. Објаснувањето е дека и закупот на простор за митинзите и собирите на ДУИ и ДПА, како и на тие на СДСМ, се плаќаат од едно правно лице, односно од сметката на кандидатот наменета за изборната кампања.

Но, анализирајќи го извештајот се забележува дека ДУИ и ДПА одржувале митинзи и собири во места или општини кои не се наведени во извештајот, односно ги нема како места за кои се барало закуп на простор. Така ДУИ митингувала во Врапчиште и во Боговиње, а ДПА во Требош, но нив ги нема во извештајот.

Од изборниот штаб на ДУИ велат дека водат двојна кампања, една за локалните избори каде имаат кандидати за градоначалник за Дебар и за Охрид, и една за претседателската кампања на Пендаровски. За митинзите кои не се наведени во извештајот, а ДУИ ги одржала, од изборниот штаб велат дека се покриени со пари од партијата и дека допрва ќе поднесат извештај до ДИК и до Антикорупциска.

– За тие митинзи и собири речиси и да не даваме пари, бидејќи рестораните каде ги одржуваме не ни земаат пари. Ги правиме или кај наши блиски луѓе кои имаат ресторани, но и во време кога нема навалица на гости. За превоз не трошиме бидејќи функционерите доаѓаат на митинзи со приватни возила. Медиумското рекламирање и сѐ друго е во рамките на заедничката кампања за Пендаровски – велат од ДУИ.

Потврда дека ДУИ и ДПА секојдневно митингуваат се и објавите на порталите на албански јазик. Таму може да се прочита дека дневно имаат и по неколку собири и митинзи, но дел од наведените општини не се евидентирани во графата за закуп на простор во тие места.

Дека таму партиите не одржувале некаков партиски собир, туку претседателска кампања потврда се декорот во рестораните, но и говорот на лидерот Али Ахмети.

На собир од Врапчиште и Боговиње, Ахмети критикува дека не гледа подготвеност кај претседателската кандидатка Гордана Силјановска Давкова да потпишува документи со новото име на државата и смета дека ќе поставува сопки како Ѓорге Иванов. Тој додава дека гласањето за Пендаровски е гласање за влез во НАТО и ЕУ и дека е глас за консензуален кандидат.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...