ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ го обновија меѓусебниот завет

3404

Зошто им е пратеничкиот имунитет на Трајко Вељаноски толку значаен на ДУИ за, во 24 часа, да ризикуваат траен пад на поддршката кај своите драстично проретчени поддржувачи за дополнителни десеттина проценти? Што е тоа со што им се заканил Вељаноски, за овие да мораат да испорачаат вакво сопствено брукање на какво што се изложија со неговото спасување од притвор?

Али Ахмети мора да проценил дека скандалот со парламентарната операција за спас на Трајко мора да е помал од компромитацијата што би настанала доколку бившиот еднодецениски претседател на Собранието ја оствари заканата со тоа што би ѝ го соопштил на јавноста за ДУИ. Се разбира дека се работи за некакви криминали – камон, ДУИ е во прашање – но, може ли тие да се од „обичен“ бандитски карактер (некој дрпнат милион ваму-таму) или се работи за уште поделикатна материја за која Вељаноски пуштил поздрав дека ќе проговори?

Во јавноста веќе се спомнаа трагедиите кај „Смилковско езеро“ и во „Диво насеље“ за чии околности Вељаноски, и по сила на своите некогашни службени овластувања, сигурно знае многу повеќе детали од оние што ѝ се познати на јавноста. Во многу од шпекулациите за тие мрачни епизоди од владеењето на претходната власт, ДУИ богато е имплицирана.

Но, јас мислам дека Вељаноски можеби алудирал и на нешто поново…

На тој список се наоѓаат обвинувањата на Села: дека поединци и структури на ДУИ се, всушност, соорганизатори на настаните од 27 април, што директно ја прави преговарачката позиција на Вељаноски за сопствен спас кај ДУИ многу моќна. Имено, кога е веќе осомничен како еден од организаторите на тие случувања, Трајко би можел на обвинителите кредибилно да им раскаже детали за кои ни Обвинителството не е свесно или нема доволно докази и сведоци за да го прошири обвинението. Евентуалното такво сведочење на Вељаноски ќе мора сериозно да се земе предвид, а тоа трајно би ја потопило ДУИ, како кога цигла ќе фрлите на дното во Дебарско Езеро.

Од друга страна, мене ми паѓа на памет и бегството на Груевски. Ем надлежните од СДСМ за тоа упорно молчат како „шкопени говеда“, веројатно штитејќи „повисоки“ државни интереси; ем однесувањето на власта во Тирана со комичниот изговор дека „автоматски“ се избришани снимките од преминот на Груевски во Албанија точно би можело да се објасни со потребата да се заштити кредибилитетот на ДУИ, доколку на тие снимки има поединости за нивно дефинитивно компромитирање.

Бидејќи е ДУИ во прашање, ништо од ова не звучи неверојатно. Напротив, за жал, никој не би се изненадил од таквиот развој на настаните. Моралната супстанца во ДУИ е со големина на камче заглавено во уринарен тракт.

Со ваквата постапка во Собранието, де факто, ДУИ го обнови својот завет со ВМРО-ДПМНЕ. Не вреди овде повторно да се троши простор и време за објаснување на сијамскиот карактер на сојузништвото помеѓу тие две партии. Тие се судени една за друга… за да избегнат да бидат судени одвоено.

Тоа ги опфаќа и обврските околу претстојните претседателски избори, во кои ДУИ е најлошиот можен партнер за СДСМ. Заев мора да размислува дека можеби без ДУИ ризикува изборите да пропаднат; но со ДУИ ризикува да ги загуби. Ако Ахмети мора да го спасува Вељаноски на ваков очигледно срамен начин, зошто би му помогнал на СДСМ „консензуално“ да ги добие претседателските избори?

Овие прашања не се злонамерни, туку логични. Бидејќи каменот секогаш доаѓа од блиску.

Извор: Цивил медиа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...