ДУИ во изборна трка со нови лица, само Ахмети и Џафери ќе се најдат на пратеничките листи

5845

Само лидерот на партијата Али Ахмети и претседателот на Собранието Талат Џафери од последниот пратенички состав ќе се најдат на пратеничките листи на ДУИ за парламентарните избори кои ќе се одржат на 12 април. На листите нема да бидат актуелните пратеници Артан Груби, Реџаил Исмаили, Џеват Адеми, но и министрите Крешник Бектеши, Бујар Османи, Садула Дураку. ДУИ на изборите ќе истрча со нови имиња за пратеници и ова, како што за Плусинфо, потврдија од партијата е заокружување на реформите кои интегративците веќе ги спровеле во партиските тела.

Артан Груби вчера на отворањето на изборниот штаб на ДУИ во Чаир обелодени дека нема да биде на пратеничките листи и оти останува „војник“ на ДУИ.

– По опсежните анализи партијата одлучи на изборите да оди со нови кадри. Само лидерот Али Ахмети и претседателот на Собранието Талат Џафери од актуелниот пратенички состав ќе бидат носители на пратеничките листи. Ахмети традиционално ќе ја предводи шестата изборна единица, а Џафери ќе биде носител на „петката“. Од министрите само Арбр Адеми ќе биде носител на листата за втората изборна единица. Очекувањата се другите министри да не се најдат на пратеничките листи – вели висок функционер на ДУИ.

Но, според партијата, ова не значи дека Груби, Џеват Адеми, Реџаил Исмаили или Бујар Османи, Крешник Бектеши нема да бидат кандидати за министри ако ДУИ ги добие изборите во албанскиот блок и стане дела од новата влада.

Според партиски извори, анализите покажале дека ДУИ на изборите треба да истрча со нови лица, односно ова е дел од кадровските реформи кои партијата ги прави за, како што велат, да ги добијат изборите и без багаж да седнат на преговори со победникот кај Македонците, за договор за новата извршна власт.

Неофицијално со нови лица се очекува на изборите да истрча и ДПА на Мендух Тачи, секако, освен лидерот кој доколку партијата оди сама на избори, ќе биде носител во „шестката“.

Ова ќе значи дека на пратеничките листи на ДПА ќе ја нема Мерал Узаири Ферати актуелната пратеничка, која неодамна извиси и од претседателската функција во Форумот на жените на ДПА, но ни Имер Алиу, Беким Фазлиу…

Лидерот на СДСМ Зоран Заев вчера најави дека деновиве ќе се сретне со Тачи за да прецизираат дали е можна предизборна коалиција и со ДПА.

Тачи, пак, во емисијата „Пресинг“ на косовската телевизија Т7, во врска со последните политички случувања, рече дека СДСМ е принудена да коалицира со албански партии затоа што ВМРО-ДПМНЕ „многу подобро стои на анкетите“.

– Јас комуницирам со луѓе кои велат дека гласале за СДСМ, зашто велат дека ДУИ ги уништила. Но, сега економијата е уништена. Јас сум за коалиција меѓу Македонците и Албанците, но не во оваа форма. Ова коалиција е затоа што според анкетите, СДСМ стои под ВМРО-ДПМНЕ – рече Тачи.

Дали со ова Тачи навестува дека ДПА сама ќе оди на избори ќе биде појасно по средбата со Заев.

Стратегиите на Ахмети и на Тачи, на изборите да одат со нови лица се толкува дека се во насока да не можат коалициите на Алијансата и Алтернатива и таа на СДСМ и Беса да атакуваат дека ДУИ и ДПА се истрошени партии со премногу багаж. Новите лица треба да бидат гаранција и пред граѓаните дека партиите ги слушаат барањата на електоратот и дека умеат да се реформираат.

Потпретседателот на СДСМ Мухамед Зеќири, пак, во емисијата „Клик плус“ рече дека постизборна коалицијата со ДУИ не е исклучена доколку има нови луѓе во партијата на Ахмети.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...