Демократскиот сојуз бара пратениците и министрите да го прекинат одморот и да се зафатат со обврските поврзани со скандалот „Рекет”, во кој како што велат, се инволвирани политичари, обвинители, судии, бизнисмени, новинари и други криминалци, ја парализираа државата и целокупниот правен систем.
– Во услови кога државата ја тресе катаклизмички криминално политички земјотрес, не дозволиво е „сите” надлежни да се на одмор. Со „одморот” се даде реална можност да се ништат докази, да се влијае на сведоци, парите од уцени да се дислоцираат во странство, а Македонија да се прогласува за мафијашка држава- велат од ДС.
Од партијата сметаат дека Собранието досега требало да реагира.
– Парламентот е на одмор, а мораше досега да одржи вонредна седница и да расправа за состојбите во Специјалното јавно обвинителство, да ја разреши Катица Јанева и да донесе законски решенија со кои СЈО ќе продолжи со работа во состав на Јавното обвинителство, со висок степен на самостојност, но и контролни механизми над неговата работа- велат од Демократски сојуз.
Според ДС, и Владата мораше да заседава и да побара од МВР, Финансиската полиција, Управата за финансиско разузнавање, Управата за јавни приходи и Агенцијата за национална безбедност (или сеуште УБК) во соработка со Jавното обвинителство, да спроведат темелна истрага и сите вклучени во овој криминал да ги изведат пред лицето на правдата.
– Необјасниво е и неодговорно, Власта да повикува на темелна и продлабочена истрага (како да е опозиција), а конкретно да не презема ништо и да дозволи медиумите да ја „водат” истрагата – велат од ДС.
Според ДС, овој скандал покажа дека се разнишани темелите на државата и за тоа мора да има и политичка и кривична одговорност, но и системски промени за демонтажа на еднопартискиот систем.
Демократскиот сојуз бара мобилизација и активирање на имунолошкиот систем на државата и секој да понесе дел од одговорноста за состојбите се додека е можно тоа.
– Граѓаните бараат акција и резултати.Криминалот не може и не смее да биде вредносна категорија, туку зло со кое мораме да се справиме – велат од ДС.