Друштвото на Чавков удрило ќотек на струмичанец кој го сликал

888

Струмицанецот Ванчо Спасов во полиција пријавил дека синоќа бил истепан од група вработени во СВР Струмица и други лица, во чие друштво бил пуштениот на слобода од притвор ексдиректор на Бирото за јавна безбедност и ексминистер на МВР Митко Чавков, објави СДК.мк.

Во пријавата не било наведено дека и Чавков го удирал Спасов, но дека на заминување од местото го прашал: „Зошто ме сликаш?“ Чавков е еден од обвинетите за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017.

Според тврдењето на Спасов, настанот се случил околу 18 часот во мотелот и етно ресторан „Подгорски ан“ во близина на Колешинските водопади во Струмица, каде Чавков, кој е пуштен од притвор за обвинението за 27 април со гаранција, бил со пријатели и бивши колеги од СВР Струмица. Спасов го снимил Чавков со мобилниот телефон.

МВР го потврди настанот од каде информираат дека вчера во 18.40 часот во Полициското одделение Ново Село, В.С. (44) од Струмица пријавил оти истиот ден околу 18 часот бил физички нападнат од четири лица во угостителски објект во село Габрово.

– Во угостителскиот објект тој бил во друштво на двајца пријатели, а во моментот кога извадил телефон и почнале да се сликаат, бил нападнат од неколку лица кои седеле на соседната маса (Г.Б., В.Т., В.Е. и В.А.) кои физички го нападнале и му го одзеле телефонот. Тие го удирале со раце во пределот на главата и грбот и побарале да им ја каже лозинката на телефонот. По кратко време, од летната тераса на објектот го внеле внатре и потворно му се заканувале и го удирале. Откако им ја кажал лозинката го пуштиле да излезе надвор, а набргу потоа си заминале. Пред да заминат, кај В.С. дошол и М.Ч., кој седел на истата маса со напаѓачите, и го прашал што има против него – информира полицијата.

Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

На 23 минатиот месец Кривичниот совет  од Основниот суд Скопје 1 ја прифати гаранцијата во недвижен имот на поранешниот министер Чавков и му ја укина мерката притвор. Притоа му беше одземена патната исправа и тој има обврска еднаш неделно да се јавува во судот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...