Друже Стево Пендаровски, по втор и до изборите последен пат, ти се обраќам директно. Првиот пат ти се обратив на 25 март, пред почетокот на кампањата, во колумна под наслов: „Стево, во Македонија Норт не е арно – имај го тоа на ум!“. Во таа колумна, ти порачав: „Те чека државничка и човечка мисија да ја помириш нацијата и да понудиш платформа за вистинска обнова на ова полураспаднато општество. Без тоа, ти, како иден шеф на оваа држава, нема да бидеш многу повеќе од шеф сале, од дупнат ауспух на твоето претседателско југо“.
Денеска, 22 април, ден по мачната постизборна ноќ, ти пишувам повторно, за да ти потврдам дека јас веќе нема да ти излегувам пред очи. Ако се сеќаваш, во кампањата, на митинг во Карпош, ако не се лажам, ти на граѓаните им порача: „Не ми излегувајте пред очи ако не победам!“ Во Карпош ти победи, победи и во мојата општина Центар, ама изгуби во Скопје, во Битола, во Штип, во Велес, во Охрид… И да не затерам и јас како Влатче Ѓорчев, ќе скратам и ќе ти кажам дека јас таа работа со неизлегувањето пред очи ја разбрав лично и буквално. Не е таа порака баш во духот на мисијата што јас ти ја определив, но ако ти така сакаш, еве јас ќе дадам пример и ќе ја испочитувам твојата желба – до петок ќе си опстојам на зборот, потоа ќе го фрлам сидрото во Македонија (да те повлече напред), па ќе ме снема некое време.
Додуша, ќе признаеш, факт е дека и досега јас ретко ти излегував пред очи. Освен ако ти не си имал попаметна работа, па си читал мои колумни, или си следел некои од моите телевизиски настапи. А како што имав прилика да се осведочам од досегашниот тек на кампањата, ако се случило такво нешто, ако си ме читал значи, џабе си арчел време, пријателе.
Како и да е, пред да замолчам, како што ти ветив на Фејсбук, прво морам да ти кажам кој сѐ ќе ти излегува пред очи и што сѐ ќе ти се случува овие денови – до победата и по неа.
Пред очи, драг мој Стево, ќе ти излегува, на пример, еден човек кој со месеци бара Македонија да умрела, Македонците да се прекрстат во северномакедонци (некои да бидат убиени, метафорички обаче), јазикот да се прекрсти во северномакедонски, од химната да се откажеме, гордоста да ја отфрлиме итн. Тој човек сега, после твоето ептен неуверливо водство по првиот круг, разочаран и гневен, вели дека „Македонија е земја која не се сака себеси“ и кој сите нас, Македонците, нѐ тера „у пизду материну“. Е сега, сето тоа не би било важно, ако тоа не е дискурсот што на најпопуларната мрежа Фејсбук го форсира човекот кој е твој верен фан и кој самиот има веројатно најмногу фанови од партијата што те кандидираше на претседателските избори. Е тој ќе ти излегува пред очи, обично ноќе, како ноќен кошмар, а ти ќе мора да го трпиш. Бидејќи сакаш да бидеш претседател на држава што мора да умре и „татко“ на луѓе кои мора да завршат некаде „у пизду материну“.
Пред очи секој ден ќе ти излегува и еден друг опскурен лик, кој ден пред изборите предвиде: „Утре очекувам Стево да добие 500 илјади, Гордана 300 илјади, а Блерим Река 100 илјади гласови!“. Во СДСМ ќе те мафтосуваат дека немаат ништо со таа будалетинка и со таквите како него (а ги клонираат секојдневно), ама ти не си глупав и ќе знаеш дека тоа е лага. Бидејќи твоите реклами се вртат на неговиот парапортал како луди.
Тоа е таа „силна“ медиумска поддршка што ти ја обезбеди партијата што те кандидира, драг мој Стево. Треба, се разбира, кон ова да се додадат уште неколку контроверзни медиумски ентитети, но навистина не сакам сега, во овие моменти на разочараност од твојот резултат, кој е под сите очекувања (дури и под моите), да ти скоривам јадови. Си ги знаеш ти и самиот. Сакам само да те предупредам дека сите тие ќе ти излегуваат пред очи, а ти, иако можеби ќе ти се темни кога ќе ги гледаш, ќе мораш со нив да го доиграш орото, бидејќи такво е правилото.
Истото правило важи и за твојот штаб, но и за луѓето од твојата и од околината на Зоран Заев, кои ќе ти излегуваат пред очи секој ден – дел од нив со милни погледи и искрена загриженост како да му помогнат на болниот, но дел од нив со дволични насмевки и со стомачиња кои подрипнуваат од радост кога те гледаат како се злопатиш во таа слепа улица, во која ти сепак самиот реши да заталкаш, и тоа по втор пат.
Знам дека ти, друже мој, не си виновен за многу работи. Ни за Фатиме-пуштиме „правдата“, ни за Мира Дизел, ни за Боро Марлборо, најмалку за советничката булумента, за апаратчискиот башибозук, за корупцијата, за непотизмот, за фотелјите од телешка кожа и за сите други глупости со кои СДСМ успеа за помалку од две ипол години да врати во живот една пролупана партија каква што беше ВМРО-ДПМНЕ по губењето на власта. Ваква експресна реанимација не е забележана во историјата на македонскиот политички плурализам!
Велам, ти лично не си виновен за сето тоа, но на својот грб, заедно со бисаѓите полни заслуги и признанија, ти го нагрби и товарот на лошото владеење на партијата што ја крепи твојата кандидатура. Тие луѓе, Стево, се твоето друштво и тие секој ден ќе ти излегуваат пред очи. Како што секој ден и на Заев му излегуваат пред очи. Не се тоа лоши момци и девојки, пријателе, многу од нив се само неопитни амбициозни аџамии, но има таму и многу валкани типчиња. Сите мои (наши) укажувања дека таа куќа ќе се валка сѐ додека не заигра метла, за жал, главата на куќата, Заев, ги доживува како непријателски пораки. И не мрда со малиот прст било што да промени. А ти сакаш да бидеш столб во таа куќа. Да те анкерисаат, да те украсат со буња или со плочки шарени и да стоиш така цврсто, да ја крепиш покривната конструкција, а дечурлааната околу тебе да играат курташак.
Сите тие луѓе и сега, откако СДСМ доби тешка шлаканица и го плати цехот за двеиполгодишниот епски курч, пак ќе ти излегуваат пред очи овие денови. И тоа нема да се смени. Ни до изборите, ни после нив. Народот испрати јасна порака, но ретко кој од залудените од власта ќе ја разберат. Можеби ти, друже Стево, како самоизбрана жртва, ќе разбереш нешто, но нема да успееш ништо да промениш. Бидејќи сакаш да бидеш претседател, нели…
И ќе бидеш, пријателе, не очајувај. Еве јавно кажувам дека прогнозирам дека ти сепак ќе успееш да победиш на овие избори. Оти ако не победиш, ако пропаднат изборите, ќе мора по трет пат да те кандидираме. Хахахахах! Се зезам. Не затоа. Ти ќе победиш, не затоа што СДСМ ќе ти донесе повеќе гласови (напротив, мислам дека од нив сега ќе добиеш уште помалку), ниту затоа што Али Ахмети ќе запне да те вади од лајна. Не, драг мој Стево, спасот ќе ти дојде од таму од каде што најмалку очекуваш. Тебе на власт ќе те донесат симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ. Охрабрени по одличниот резултат од првиот круг, еуфорични и со нескриена надеж дека можат да победат, ќе трчаат на избирачките места да гласаат за Силјановска и така ќе ти го стокмат цензусот. Без вмровските гласови, друже, ти нема спас!
Само, фер е да ти кажам дека јас не сум баш познат како добар прогнозер на изборни резултати… Да не биде дека сум скрил нешто од тебе.
ПС. Ќе ти се одјавам со истиот постскриптум од моето прво директно обраќање до тебе, кој ти веројатно не си го разбрал, или можеби и не си го ни прочитал. Вака гласеше: „Се надевам, Стево, дека ќе умееш правилно да го процениш значењето на фактот што ти се обраќам тебе, а не на твоите противкандидати, кои ги почитувам. И дека можеби ќе ти текне дека немаш фајде од паланечки филозофи и паламудреци. Јас ти го пренесувам она што секој ден го слушам меѓу обичните луѓе. На кои не им е добро, Стево. Ич не им е добро. И сериозно се мислат дали воопшто да гласаат. Бидејќи пукнат им е филмот…“