Има една суштинска разлика меѓу мојот став и ставот на професорот Гордан Калајџиев за преземањето на предметите на Специјалното јавно обвинителство од страна на Јавното обвинителство. И секако, веднаш да нагласам дека меѓу нас двајцата постои и голема разлика во поглед на стручноста – јас себеси се сметам за солидно информиран лаик за правната проблематика, додека професорот Калајџиев е врвен и докажан експерт.
Накусо, мојата теза е дека преземањето на предметите на СЈО од страна на ЈО е легално и легитимно. Легално е врз основа на генералната обврска на Јавното обвинителство да постапува во случаи кога постојат индиции дека се извршени казниви дела за кои тоа е овластено да постапува по службена должност. Легитимно е од аспект на потребата да се отстрани опасноста предметите на СЈО да „исчезнат“ во правниот вакуум што ќе се создаде поради две причини: прво, не постојат ниту теоретски шанси до понеделник, 15 септември, да се донесе новиот закон за ЈО, со кој, меѓу другото, треба да се определи и статусот на предметите кои ги отворило СЈО, а можеби и во иднина ќе ги отвора некое друго јавно обвинителство, врз основа на нелегално прибавени докази; и второ, не постои правно издржан начин ЈО „по автоматизам“ да продолжи да постапува по спорните предмети, таму каде што застанало СЈО.
Тука веќе сериозно се приклонувам кон ставовите на Калајџиев и на другите правни експерти и практичари, кои деновиве сериозно предупредија дека секој обид новите обвинители да влезат „во чевлите“ на обвинителката Катица Јанева ќе биде опасна злоупотреба, која не може да се оправда со тезата дека целта на опозицијата била „мафијата“ и нејзините „адвокати“ да обезбедат неказнивост за кејсовите што ги отворија „трите грации“. Самиот факт што пропагандата на СДСМ и на Заев во групата „адвокати на мафијата“, покрај мене, го смести и професорот Калајџиев, зборува дека таа теза е недокажана и неодржлива.
Имено, иако нема докази, ете, да речеме дека власта може си земе слобода да спинува дека раководството на ВМРО-ДПМНЕ сака да ги спаси своите претходници од кривично гонење. Но, да бидеме на чисто – причината поради која пропагандата на Заев мене ме доведува во некаква врска со „мафијата“ е што јас ја отворив аферата „Рекет“ и го урнав митот за Катица Јанева. А тоа ги боли, ги прави нервозни. Таа болка е причината за сите најави што севезден ми ги упатуваат сдсмовските ботови, дека ќе било „обелоденето“ ова или она за мене, иако тоа се само закани на будалести луѓе кои не можат да ме исплашат, бидејќи ниту имало ниту има такви инкриминирачки факти што би можеле да се обелоденат. Да, може да се направи некој обид нешто да се измонтира, секако, но тој меур од сапуница брзо ќе пукне. Сигурен сум дека истото важи и за професорот Калајџиев. Неговата „вина“ е што со своите аргументи остро се спротивстави на трансферот на предметите од СЈО во ЈО, поради што беше определен за јавна егзекуција со клевета дека е „адвокат на мафијата“. Срамота!
Патем речено, сакам да кажам дека мене ми е многу непријатно што во улогата на егзекутор на Калајџиев се јави и професорот Љубомир Фрчковски, со кого пријателувам три децении. Ако велам дека за една работа греши Калајџиев, тврдам дека во случајов за десет работи греши Фрчкоски. При што, да бидам искрен, во настапот на Фрчкоски априори наоѓам два крупни проблема. Првиот е методолошки: целата своја аргументација тој ја гради врз основа на пропагандната теза дека опозицијата и една група јавни личности се бореле да пропаднеле предметите на СЈО, теза која е поставена без докази, па лебди како провидна шпекулација. Вториот проблем е конфликтот на интереси во позицијата на професорот Фрчкоски, чија сопруга сега е правна застапничка на Катица Јанева. Бев решен да не го поставувам тоа прашање, но ме предомисли признанието на премиерот Заев дека се информирал од адвокатката Фрчкоска за нешто во врска со Јанева – во кое својство, како заинтересирана странка? – па сега мислам дека секој што имал редовни контакти со правната застапничка на СЈО до 15 септември (Јанева е СЈО до тој датум) треба да се воздржува од јавни коментари за темава, а премиерот требало да се воздржува и од контакти со адвокатката.
Но, да се вратиме на клучното прашање – на обидот за силување на правдата. До аферата „Рекет“, сите ние можевме да поверуваме во јавно декларираната љубов на раководството на СДСМ во правдата. Сега, кога гледаме како власта се обидува да се менаџира себеси во корелација со аферата, веќе не сме убедени во искреноста на таа декларација. Но, дури и да се водиме од претпоставката дека СДСМ и Владата се безгранично и безнадежно заљубени во правдата, до степен што се спремни за неа буквално да сторат сѐ, една работа сепак не смеат да си дозволат – во името на правдољубивоста, не смеат да ја силуваат.
А намерата новите обвинители што ќе ги определи ЈО да ги преземат предметите на СЈО на начин што ќе продолжат таму каде што застанале нивните претходници ќе значи токму тоа, грубо силување на правдата. Јас разбирам предметите да се земат, привремено да се „замрзнат“, сѐ до изнаоѓање на правни решенија како тие да продолжат, во новиот закон за Јавното обвинителство за кој се преговара. Но, да се продолжи „автоматски“ и „експресно“, едноставно, не бидува. Изнесени се многу сериозни тврдења и аргументи за постоење непремостливи пречки, кои произлегуваат од нормите и правилата на водењето на кривичната постапка, за тој „автоматизам“ да биде легален. Да не ви додевам сега со расправа на таа тема, бидејќи за неа многу се говореше деновиве.
Се разбира, сфаќам дека има луѓе кои сметаат дека без оглед на тие процесни пречки, кои многу сериозно ќе ги искомпромитираат процесите во сите фази, од „политички причини“ мора така да се „тера“ по секоја цена. И дека немало друг начин да се обезбеди „казнивост“ за луѓето од претходната власт и на бизнисмените блиски до нив, тие што беа таргетирани, под „Т“ нели, во предметите на Катица Јанева. Згора на тоа, се тврди дека во таков случај, новиот закон за Јавното обвинителство веќе не е периоритет и дека за неговото донесување не треба да се троши енергија и време. Едноставно, велат тие, може и вака. Вози Мишко…
Како беше она… ах да, Македонија и сѐ е можно. Но, Заев мора да сфати дека сѐ си има своја цена. Во оваа земја секогаш ќе се најдат десет луѓе кои ќе се охрабрат јавно да проговрат за вистината, имено за тоа дека „борбата“ за правда со неправни методи не е ништо друго освен нова неправда. А вистината на крајот победува. Јас секако ќе бидам меѓу тие луѓе. И ќе се залагам за суштински и системски реформи во областа на правосудството, а не за политички притисоци и за ваков волунтаризам.
Во случајов, апелирам власта и опозицијата да продолжат интензивно и посветено да преговараат за новиот закон за Јавното обвинителство, за да ги решат отворените прашања кои веќе се адресирани и кои не можат да се затворат со ова трик-решение. Одговорноста на Заев да ја поврати климата на доверба во преговарачкиот процес е дотолку поголема што тој има можност на една година пред крајот на мандатот на Владата да го реализира своето предизборно ветување дека опозицијата ќе го предложи новиот државен јавен обвинител. Да, за опозицијата тоа ќе биде извесна предност, но истовремено и обврска да го предводи процесот што треба да обезбеди генерална казнивост за криминалот и за корупцијата, но и почитување и спроведување на законите.