Другарчиња, прпа а?

Имам впечаток дека во СДСМ владее не само погубната лузерска логика „и да не победиме, ние ќе правиме влада“, туку и еден очигледен страв од изборното соочување. Затоа се бара причина повеќе да се одложат распуштањето на парламентот и распишувањето на изборите. Колку погрешно, колку погубно!

32955

Вмровците традиционално се резервирани во комуникацијата со мене. Добро, гледам дека мојата критика на власта им годи. Ќе видиме дали ќе им годи кога еден ден тие ќе дојдат на власт. Ако дојдат. Но, коректни се со мене, пресретливи, ама воздржани. Како што треба, впрочем. Совршено ми одговара таа професионална дистанца што се создала некако природно. А и јас не сум од оние типчиња што собираат „ексклузиви“ по партиски штабови, што патат први да ги слушнат најновите рејтинзи, а најмалку, пак, да ги „откријат“ најновите кадровски решенија (јаки „ексклузиви“, џанам, сите веќе чувме за Мила Царовска).

Елем, се изненадив што деновиве од неколку вмровски извори, од разни нивоа, упорно ја слушав истата теза: постои опасност Зоран Заев да ги одложи изборите, односно да ги одложи распуштањето на парламентот и распишувањето на изборите. Според таа теза, casus belli за таа одлука ќе биде новиот закон за Јавното обвинителство, поточно наводното одбивање на ВМРО-ДПМНЕ да го прифати проектот таков како што го предлага СДСМ. Значи, под директна уцена. Вистинската причина, пак, според оваа приказна, се некои други закони, како што е на пример законот за канабисот, што ќе им овозожи на луѓето од сегашната власт да си ги тераат бизнисите и после евентуалниот пораз на изборите.

Малеееее, си велам јас, баклавата изедена што е изедена, ама тезава некако не ми стоооо баш…

Внимавајте, се покажа дека предлогот на законот за Јавното обвинителство е далеку од совршен. Јавната расправа на Правниот факултет „Јустинијан Први“ потврди дека текстот има многу слабости. Нормално, веднаш по дебатата на овој факултет, од пропагандното осило на СДСМ, излегоа вредните оси и заканувачки збрмчеа дека во земјава има многу правни факултети а не само еден (веројатно мислеа на сите правни факултети од грујовиот мегасистем „факултет во секое село“). Како да чув некој да рече дека експертите од „Јустинијан Први“, всушност, се „паднати луѓе“. Или ми се причини?

Јас, пак, се бев закатанчил за принципиелниот став дека опозицијата мора да го предложи новиот јавен обвинител, додека некој не ми ги подотвори очите – ало дечко, каква смисла има претендентите за освојување на власта толку ревнонсо да инсистираат на Заевото ветување во иднина јавниот обвинител да се избира на предлог на опозицијата? Па ни СДСМ, а богами ни ВМРО-ДПМНЕ, не планираат после 12 април да бидат во опозиција. Види мајката, навистина е така!

Од трета страна, како што веќе објаснив во една прилика, идејата новиот закон за ЈО да предвиди предметите на СЈО да продолжат „согласно со Законот за кривична постапка“ (тоа, демек, бил каменот на сопнување), ќе доведе до законско решение кое може и мора да предизвика нови проблеми во врска со очекуваниот „автоматски“ трансфер на овие кејсови. Да не ве гњавам пак со детаљи, само ќе кажам дека јас не гледам законско решение кое може да обезбеди некаков автоматски континуитет во процесуирањето на овие предмети. Токму спомнатиот Закон за кривична постапка е пречка за тоа. Кој се разбира барем малкуцка во овие работи, сфаќа за што зборувам. Кој не, нека брмчи таму, платен е за тоа…

Нејсе, можеби сепак кваката не е во новиот закон за ЈО? За кој Заев тврди дека може да биде „миниран“ од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Како и протоколот за НАТО (?). Па и новиот закон за одбрана. Имам впечаток дека уцената на лидерот на СДСМ „парламентот нема да се распушти и избори нема да се распишат, ако не се прифатат овие проекти“ – и некои „слични закони“, индикативно најавува Заев, без да прецизира кои се тие „сличните“ – нема ама баш никаква врска со евроатлантскиот процес. ВМРО-ДПМНЕ нема да го блокира протоколот за членство во НАТО, тоа е јасно. А го слушнав и францускиот амбасадор Тимоние, на пример, кој јасно и гласно ни кажа дека донесувањето на закон за ЈО за Европјаните е пожелно и ќе биде добар сигнал за напредок во политичкиот дијалог во Македонија, но тоа сепак не е бенчмарк, не е услов без кој не се може.

Објаснување? Не исклучувам Заев пак да имал проблем со артикулацијата на некоја своја комплицирана теза. Но, сепак мислам дека идејата за одложување распуштањето на парламентот и на распишувањето на изборите има друга позадина. Имено, од оној момент кога ќе се спушти завесата и ќе заврши оваа прилично неуверлива претстава што ја гледавме три години, по куса кафе-пауза, завесата повторно ќе се крене и до денот на изборите ќе гледаме вистинска драма, со тешки заплети и кулминации и со неизвесни расплети. Има на сите страни да фрчат обвинувања за криминал, корупциски скандали, афери за поткупување на новинари и на медиуми и триста разни други чуда и чудесии. Некои од тие обвинувања ќе бидат точни, некои ќе бидат лажни, но и едните и другите ќе придонесат за ново скандализирање на македонските граѓани. Како да им беа малку „Рекет 1“ и „Рекет 2“…

Ве молам, погледнете какви бурни реакции и непријатности предизвика денешното бенигно сведочење на Заев, во врска со старите обвинувања дека во масакрот кај Смилковско Езеро бил замешан и поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски. Сведокот Заев негираше дека кажал такво нешто или дека имал такви информации, но се слушнаа и гласови од „парамедиумите“ кои своевремено ја раширија таа паравест, дека „инфото“ можеби го добиле токму од него. Се огласи и Вељаноски, со една многу непријатна изјава. Мислам дека и јас, и тој Трајко, и сите вие сакаме да му веруваме на Заев дека тоа не излегло од неговата уста (навистина, би било премногу монструозно да се конструира една ваква приказна), но во предизборната ковачница на страсти луѓето нештата ги доживуваат поинаку. Во театар не се оди да се стави прстот на чело и да се мисли, туку да се доживее возбуда, да се плаче, да се смее, да се ракоплеска… Ви текнуе?

Приказната за „Рекет“ не е завршена. И веројатно ќе се дорасплетува во текот на предизборието. Па пресуди. Па општа врева. Во процедура веројатно ќе влезе и „Рекет 2“. За мене двојката е поинтересна од кецот. Од политички аспект. Најавени се и некои други скандали. Неизбежно ќе се детонираат и нови „бомби“, од веќе познатите извори на „дисеминација“ на нелегално прислушувани разговори. Мислам дека Заев, за разлика од неговите советници кои го уверувале и сè уште го уверуваат дека опаѓа „магнитудата“ на „афтершоковите“ од „Рекет“, станува свесен дека не ќе да е баш така. А станува свесен за тоа во незгодно време, кога прв пат се совпаѓаат барем телефонските анкети за предизборниот рејтинг на партиите – од три страни ја слушнав истата цифра за процентот на вознемирувачката предност на една од двете водечки партии, а сосема малку се разликуваат и проценките за очекуваната излезност.

Да бидам јасен до крај. Имам впечаток дека во СДСМ владее не само погубната лузерска логика „и да не победиме, ние ќе правиме влада“, туку и еден очигледен страв од изборното соочување. Е сега, да сум озлобен повеќе одошто сум, би потсетил и би преобјавил некои свои стари колумни, во кои укажував дека овие избори не се потребни, дека е потребно нешто сосема друго. Ама, тоа важеше тогаш. Сега, кога изборите се закажани, кога зборот е даден, оваа прпа пред натпреварот само ги демотивира избирачите на владејачката партија. Затоа мислам дека ако Заев самиот не одлучил да го уценува ВМРО-ДПМНЕ со нераспишување на изборите (моја претпоставка е дека тоа сепак не е негова автономна одлука), тогаш решил да ги послуша своите врли советници, кои од земја го акаа во текот на овие три години и планираат уште еднаш да го акнат.

Како и да е, резилот ќе биде негов ако уцвика. Стравот пред избори е многу, многу лош сојузник.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...