Волунтаризмот е учење според кое волјата е основа и двигател на сѐ што постои. Не сакам да се сомневам дека владата на Зоран Заев има силна волја и добра намера да се спротивстави на лажните вести и на дезинформациите (така како што ги разбира) и да се бори против „нападите врз демократијата“, што и веќе да се подразбира под таа сомнителна флоскула. Но, правниот и политичкиот волунтаризам, односно сфаќањето дека волјата е посилна од словото и од духот на законот, може навистина да доведе до нови, опасни рестрикции на слободата на изразување. Кога велам „нови“, сакам да кажам дека слободата на изразување кај нас веќе е ограничена со законски рестрикции, кои се сметаат за нужни од аспект на општествениот интерес и кои не се во спротивност со Европската конвенција за човекови права, чиј потписник е и Македонија.
Значи, другарчиња од владата, ве молам спуштете го гардот и не терајте инает – се обидувам да дадам свој придонес во вашата кампања, на тој начин што се трудам да ве едуцирам (бесплатно, се разбира) како да го редизајнирате вашиот Акциски план за борба против лажните вести и против „нападите врз демократијата“, со цел тој да стане прифатлив од правно-политички аспект, а да го поддржат сите кои овој план ги засега, во било која смисла. Двете новинарски здруженија веќе изразија сериозни резерви кон некои аспекти на Планот и тоа ви кажува дека не сум единствениот кој се обидува да ви помогне.
Обидот на советникот Марјан Забрчанец да објасни дека „напад врз демократијата“ значи „координирано ширење лаги за манипулација на населението“ (со целото негово образложение што можете да го прочитате тука), е навистина многу сериозен теоретски придонес во развојот на политичкиот и правниот волунтаризам во Северна Македонија. Но сепак, тоа не проаѓа. За да бидат легални и легитимни акциите што ќе ги презема Акциската група, тие мора да бидат во согласност со Уставот и со законите, а не да се повикуваат на Фејсбук статусот на Забрчанец.
Што вели Европската конвенција за човеково права?
Но, да одимe на темата, ѕвоното ѕвони, часот почнува.
Постои еден важен документ што се нарекува Европска конвенција за човекови права. Република Македонија ја има потпишано и ратификувано. За повредите на човековите права, според Конвенцијата, суди Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Според уставниот принцип, меѓународните конвенции што ги потпишала и ратификувала Република Македонија се дел од домашниот правен поредок. Ова го знае, или барем би требало да го знае, секој студент по право.
Слободата на изразување е дефинирана во членот 10 од Конвенцијата. Тука можете да прочитате една публикација на Советот на Европа, во која детално се опишани сите аспекти на слободата на изразување, потребите и можностите за нејзино ограничување, како и повеќе судски случаи во врска со членот 10 од Конвенцијата. Не е лошо внимателно да си ја проучите публикацијата. Ме радува, ако е точна, информацијата дека Акциската група ќе ја води Зоран Бојаровски. Tоа е голема предност. Бојаровски многу добро го познавам, заедно предававме новинарство и знам дека е одличен во својот занает на истражувач, предавач и медиумски описменувач, ако така може да се каже. Мислам дека тој може да ви помогне да ја разберете публикацијата што ви ја посочив.
Во оваа анализа, ќе укажам само на клучните аспекти на можноста за ограничување на слободата на изразување, повикувајќи се на официјалниот документ што веќе го линкував. Имено, според членот 10, ограничувањата на слободата на изразувањето се легитимни ако станува збор за националната безбедност, за територијалниот инегритет на земјата, за јавната безбедност, за заштита на здравјето и моралот, за превенирање на нарушување на редот и криминал, за заштита на угледот или правата на другите, за превенирање на разоткривање на информации добиени во доверба од властите и во судството. Можно е мојот превод да не е најпрецизен, но помалку или повеќе, тоа е тоа.
Забрчанец веројатно не знае, но во нашиот правен поредок, со неколку закони веќе е ограничена слободата на изразување, имено заради заштита на овие вредности. Има неколку такви одредби во Кривичниот законик. Кривичното дело Говор на омраза, на пример, е една од нив. Клеветењето и навредувањето се санкционирани со граѓански закон. Такви ограничувања има и во други закони и сето тоа е легитимно. Тоа никој не го спори.
Што е спорно во Акцискиот план на Владата?
Секое ограничување на слободата на изразување мора да биде пропишано со закон!
Публикацијата на Советот на Европа вели (цитирам дословно): „Постоењето на легитимни цели не е доволно за ограничувањата да бидат согласни со Конвенцијата. Секое ограничување на слободата на изразување мора исто така да биде пропишано со закон“!
Конвенцијата е и мора да биде во согласност со еден од ословните правни принципи, што исто така мора да го знае секој студент по право. Nullum crimen sine lege! Не постои казниво дело ако не е пропишано со закон. Во модерните, цивилизирани, пермиснивни општества, сѐ што не е забрането со закон (сѐ што не е инкриминирано), е дозволено.
Според тоа, ако владата на Зоран Заев сака да се брани односно да презема акции против „нападите врз демократијата“, прво треба да го опише ова ново казниво дело. Јас не ги советувам другарчињата да го прават тоа (Брисел ќе им ги истегне ушите), ама ако баш инсистираат, им предлагам да го консултираат членот 133 од стариот Кривичен законик, кој го опишуваше вербалниот деликт, против кого уште во раните осумдесетти години на минатиот век битка биеше еден од најголемите југословенски кривичари, професорот Ѓорги Марјановиќ од Скопје, човекот наречен „македонски Хавел“. Вербалниот деликт е најблиску до она што тие го подразбираат под „одбрана“ од „нападите врз демократијата“. Откако делото ќе се опише, ќе треба да се „стави“ во некој закон. Или да се измисли нов закон. А тоа мора да биде работа на законодавното тело, значи на парламентот.
Втората опција е било каква акција да се води согласно со постоечките закони. И тука пак мора да се навратиме на Конвенцијата и на праксата на Судот во Стразбур. Во наведената публикација пишува: „Конечно, било каква рестрикција на слободата на изразување мора да биде ‘неопходна во демократското општество’. Според судската пракса, придавката ‘неопходна’ имлицира ‘нагласена социјална потреба’“. Понатаму, се вели во документот, неопходноста од рестрикции мора да биде уверливо заснована, но и контролирана. Внимавајте, контролирана!
Не дејствувајте спротивно на член 16 од Уставот и на член 10 од Конвенцијата!
Поради сево ова, ја предупредувам владата на Зоран Заев дека секоја активност на Акциската група според разбирањето на Забрчанец презентирано во неговиот статус на Фејсбук, секое дејствие кое нема да има подлога во легитимни законски ограничувања на слободата на изразување и кое нема да биде спроведено во соодветна законска процедура, може и ќе биде оспорено како противуставно, односно како кршење на членот 16 од Уставот кој забранува цензура, како и спротивно на Европската конвенција за човекови права (клучен е членот 10, но не само тој).
Им препорачувам на Забрчанец и на неговиот шеф, премиерот Зоран Заев, да си ангажираат сериозен правен ескперт да им објасни што значи ова, да им ја протолкува Конвенцијата и да ги упати во праксата на Европскиот суд за човекови права. Во меѓувреме, најпаметната солуција е Акцискиот план да се ограничи на уредување на внатрешните односи и протоколи во Владата, при што исто така мора да се има предвид Конвенцијата, бидејќи и чиновниците, со соодветни и правно регулирани рестрикции – на начин што го дозволува Европската конвенција за човекови права, не го заборавајте тоа, аман! – ја уживаат слободата на изразување.
ПС. Го замолувам адвокатот Тортевски, во еден бесплатен текст, да ја раскаже и објасни битката на професорот Марјановиќ против вербалниот деликт и да се приклучи во акцијата за медиумско и правно описменување на луѓето што го дизајнирале Акцискиот план на Владата. Доколку не е во состојба, ќе се потрудам јас лично да го сторам тоа, во својство на единствен новинар сведок на партиското „судење“ на драгиот професор. Но, сигурен сум дека Тортевски тоа подобро ќе го стори од мене.