Другарки и другари хибриди, главите долу!

Жалам, другарки и другари, вие мора да се соочите со еден болен факт - како носители на власта во овие три години, власта што ја презедовте без изборна победа, ама со наша (и моја) поддршка поради силните ветувања за нулта толеранција за слабостите на претходната власт, оценката на угледниот „Економист“ дека Македонија е хибриден режим се однесува првенствено на вас и затоа треба да се засрамите!

10304

Другарки и другари, угледниот „Економист“ донесе лош абер. Македонија не е демократска земја. Таа не е дури ни демократија со слабости. Не, таа е хибриден режим. Апологетите на власта да не се палат веднаш ко хепо коцки, бидејќи ова не е мое тврдење. Ова е објективна и точна оценка на независните странски посматрачи, за достигнувањата на Македонија на полето на демократијата. И точка. Сега врескајте, плукајте, колнете… не помага тоа ништо!

Оценката е разочарувачка, особено зашто доаѓа после една деценија автократско владеење на екипата на Никола Груевски и после три години владеење на ведетите на Зоран Заев, кои уште како опозиционери и шарени револуционери ветуваа дека ќе се справат со слабостите од минатото и ќе ја комплетираат демократската транзиција на земјата. Ама не го исполнија ветувањето.

Многу изгубени години и надежи се тоа, другарки и другари хибриди. Ако смеам така да ве наречам…

Инаку, за тие што ги буни придавката „хибриден“, да појаснам дека за разлика од полето на автоиндустријата, каде што таа означува технолошки напредок, во политиката таа има сосема спротивно значење. Фразата „хибриден режим“ означува систем на владеење кој се засновува на авторитаризам и на недовршена демократска преобразба на една земја. Во таквите режими, на пример, можат да се одржуваат формално регуларни избори и да функционираат релативно стабилни институции, но во исто време во нив да царуваат корупција, жестока политичка репресија, отсуство на политички дијалог и ниско ниво на политичка култура воопшто.

Во хибридните режими често се воспоставува еден вид рамнотежа меѓу вербалните декларации за демократски промени и отсуството на системски реформи. Таа рамнотежа, при поволни геостратешки и други околности, може да произведе базична политичка стабилност. Така хибридниот режим добива карактеристики на стабилократија, додека во политичкиот живот се јавува ниско ниво на партиципативност и политичка апатија.

Таква земја денес е Македонија. Во рангирањето, ние сме во групата со земји како Албанија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, но и Сенегал, Кенија, Танзанија, Непал, Мали, Сиера Леоне, Пакистан… За сите овие земји карактеристични се широко распространета корупција, подјармено судство, партизиран граѓански сектор, контролирани и цензурирани медиуми, често и отсуство на елементарни граѓански слободи.

Ете, „Економист“ вели дека ние сме такви. И јас и вие можеме да посведочиме дека тоа е така. Ако сме искрени, се разбира. Жалам, другарки и другари, но вие ќе мора да се соочите и со еден друг болен факт – како носители на власта во овие три години, власта што ја презедовте без изборна победа, ама со наша (и моја) поддршка поради силните ветувања за нулта толеранција за ваквите слабости, оваа оценка на „Економист“ се однесува првенствено на вас и затоа треба да се засрамите!

А можеше да биде поинаку…

Иако се посветивте на решавањето на проблемите во односите со соседите и на тој план постигнавте евидентен напредок (за кој бевте наградени со комплименти од сите страни), како да заборавивте дека од вас исто така се очекува бескомпромисна битка со криминалот и со корупцијата, жестоки и итни реформи во многу области и нагласена чесност и посветеност во остварувањето на ветувањата што ги дадовте. После изборите на 12 април – дали како губитници или како победници, сееедно – вие ќе мора сериозно да седнете и да размислите зошто, наместо да ја намалите, вие ја зголемивте корупцијата (тоа е оценка на Транспаренси Интернешенл). Должите и одговор на прашањето зошто дозволивте широко да се распространат непотизмот, клиентилизмот и толеранцијата за криминалните групи поврзани со центрите на политичка моќ. Треба да си поразговарате и за тоа како можеше да ви се случи најважната институција, во која сите полагавме надеж дека ќе исчекори седум милји во борбата против криминалот, СЈО, самата стана дувло на корупцијата, соучесник на еден мега рекетарски скандал, естрадна групировка што ги урна сите надежи дека вие, „новите“, ќе испорачате правда и мир во Македонија.

Да сум јас на ваше место, другарки и другари хибриди, за тоа би расправал уште сега, уште денеска, кога веќе пропуштивте тоа да го сторите вчера, минатата недела или уште подобро, лани. Но, нема да ви делам ум и да ви скоривам јадови, сега пред избори. Наместо тоа, јавно ќе ја повикам техничката влада да биде повнимателна и да се воздржи од било какви активности кои водат кон компромитација на изборниот процес и кон продлабочување на политичките конфликти во овој чувствителен период.

Некои владини потези во последно време се класични популистички обиди за поткупување на гласачкото тело пред изборите. Тоа не е фер и не е демократски. Од техничкиот премиер Оливер Спасовски – на кого, според општата перцепција, засега барем не му недостасува елементарна пристојност – очекувам да се спротивстави на овие тенденции и да се фокусира на основната задача на неговата влада. А таа е да одржи базично функционирање на администрацијата и на институциите и да обезбеди услови изборите да бидат не само формално, туку и суштински фер и демократски.

Во такви услови, да се надеваме, политичките партии од власта и од опозицијата ќе покажат повисоко ниво на политичка одговорност и култура и на избирачите ќе им ги презентираат своите изборни програми и ветувања. Во спротивно, доколку продолжи оваа опседнатост да се уништи политичкиот противник, да се зграби се што може да се зграби, да се игра на се или на ништо, Македонија ќе продолжи да биде она што е сега – хибриден режим, земја со недовршена демократска транзиција, конфликтно претполитичко општество со низок степен на политичка култура и со една општа нецивилизираност.

Чемер и јад…

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...