Другари, вака – не!
Зарем режимот што го срушивме ќе го замените со полош?
Згрозен сум од денешниот настан во Истражниот затвор и нападот врз Миле и Спире. Исто ќе бев згрозен и доколку нападнатите се викаа Перо или Златко или Абдулменаф или Амди.
Во случајов и Спире и Миле се мои пријатели одамна и бивши сопартијци од времето кога ВМРО-ДПМНЕ беше нормална партија. Во времето, пред нивниот лидер да забега со паметот и од државата да направи приватен пашалак.
Ако се виновни, има суд, ќе има казна!
Но, никако не смее, ниту тие двајца, ниту било кој друг да се чувствува загрозен за својот живот, без разлика дали е во Шутка или на било кое друго место во државата.
Мора под итно да се истражи: која е позадината, кој е нарачателот и која е пораката што денеска се прати!
Ако тоа не се случи, ако не се разјасни овој напад, верувајте дека дел од народот ќе поверува во лагата на Груевски дека побегнал од државата, затоа што во затворот му бил подготвен линч.
Режимот што го срушивме во декември 2016-та, режимот што од Македонија направи црна дупка, даде поука дека ништо не е вечно и секој е менлив. Тој режим даде и правец како не смее да се однесува ниту една наредна власт.
Другари од СДСМ, не ја повторувајте грешката на ВМРО-ДПМНЕ и уште поважно: не ја повторувајте грешката на вашите претходници од 2002 година! Немојте режимот што го срушивме да го замените со полош!!!
(ФБ статус на авторот)