Македонско државјанство или државјани на Северна Македонија. Наметнувањето на оваа дистинкција од страна на лидерите на помалите албански партии, како крупна дилема во однос на усвојувањето на уставните измени, може да звучи иритирачки, и пред сѐ уценувачки, но тешко дека би можело да се сфати и како оправдано барање во суштинска смисла на зборот.
Државјани на Велика Британија, Германија, или на Шведска, сосема јасно имаат британско, германско, шведско државјанство, и како такво во меѓународните односи се распознава и именува нивното иденетитско обележје и припадност како граѓани на една држава. Но тоа едновремено не значи, кога станува збор за етничката припадност и потекло, дека, на пример, многумина во редовите на приближно тримилионска турска заедница во Германија не се чувствуваат и изјаснуваат пред се како етнички Турци. Или дека многумина од припадниците на бројната иранска или ирачка дијаспора, кои во Шведска се доселени пред повеќе од половина век, и веќе имааат и свои правнуци, се оптоварени со какви било дилеми поврзани со нивното етничко потекло. Но тие се шведски државјани, патуваат со шведски патни исправи, а кога шведската или германската телевизија известуваат за настани во странство, во кои биле инволвирани припадници од редовите на разни малцински етнички групи од овие земји, во права рака се известува за германски односно шведски државјани. Нивното етничко потекло во таков контекст не се ни споменува, освен во исклучителни ситуации кога за тоа има оправдана потреба.
Употребата на „државјанство на Сојузна Република Германија“, наместо „германско државјнство“, само би ја оптоварило секојдневната комуникација врзана, на пример, за статистичките прикази, медиумските известувања или правната регулатива. Слично би можело да се замислат негодувањата кога во разгранетиот бирократски ситем во Шведска наместо „шведско државјанство“ би требало да се користи „државјанство на Кралството Шведска“. Прашање е дали воопшто и би се нашле такви кои со симпатии би гледале на една таква промена за најширока употреба, која на прв поглед е пред се лингвистичка. Во крајна линија, станува збор за практика во означувањето на државјнаството, која на таков начин функционира насекаде во Европа. Која би била суштествената разлика поради која логиката во однос на означувањето и именувањето на припадноста на граѓани на држава би се оспорила во случајот на „македонско државјанство“?
Во најширока смисла на европското обединување и развојот на Европската унија, ЕУ-државјанството обезбедува поголема заштита отколку само државјанството во одделните матични земји. Тоа во основа се должи на фактот дека ЕУ-државјанството, за разлика од сите други државјанства, се темели на еден фантастичен принцип: Забраната да се дискриминира врз основ на националност.
Кога станува збор за четирите основни слободи кои го сочинуваат фундаментот на ЕУ и кои функционираат во пазарната економија, слободата на движењето на луѓе – покрај слободното движење на стоки, капитал и услуги – е токму таа слобода и право околу кое навистина се грижат граѓаните на ЕУ.
Слободата на движење на луѓе во рамки на ЕУ долго време се сметала за тројански коњ што овозможува неконтролиран и незапирлив проток на работна сила преку границите. Но правото на слобода на движење во комбинација со еднаквиот статус на ЕУ-државјанството, најпосле го прави „тројанскиот коњ“, исполнет со прикриена работна сила, проѕирен – повеќе не се прави разлика меѓу луѓето на пазарот на трудот, и во другите сегменти на општественото живеење во Унијата, затоа што се подвижни и слободно ги преминуваат границите од една во друга земја-членка.
Етничката припадност не продолжува да се засилува во преден план на изградбата на свеста за европскиот граѓански статус. Како ЕУ-државјанин, всушност, се располага со два вида права – наддржавни и прекугранични. Наддржавни се кога ги поврзуваат луѓето вертикално преку границите. А прекугранични се кога дозволуваат хоризонтални активности меѓу граѓаните преку границите. Еден пример што би можел да се посочи за првиот вид права е можноста да се учествува во граѓански иницијативи, кои овозможуваат демократски дијалог за граѓани преку границите. Пример за другиот вид е правото на конзуларно-правна заштита, која европските граѓани ја имаат со себе преку границите. Слободата на движење, која им припаѓа на сите ЕУ-државјани како приватни граѓани, а не како дел од колективот и јавноста, е токму на тоа ниво на развој за да може да се смета за дел од посочениот втор вид права.
Политичката слобода всушност ја гарантира и приватната слобода на граѓаните. Хоризонталната врска меѓу граѓаните на ЕУ, кои тие ја носат со себе преку границите се засновува врз вертикалната, прекугранична врска меѓу граѓаните и авторитетот, политичката моќ и власт.
Актуелното барање на Беса и Алијансата на Албанците, на кои инаку постојано им е полна устата со интеграција и членство во ЕУ и НАТО, и кои со амнадман бараат да се избрише зборот македонско државајнство, не е на таква линија за да се движи на некоја напоредна траса со развојните, движечки процеси во ЕУ. Токму напротив, инсистирањето на максимална заштита на локал-патриотизмот, открива шупливи тези кои не одат во прилог на декларираните заложби кон европските интеграции
Слободата на движењето што го обезбедува членството во ЕУ, е право што е неодвоиво од ЕУ-државјанството, а кое постепено испливува од матните води меѓу националниот романтичарски занес и модерниот, уникатен пост-национален европски граѓански статус, чие запоставување ги оддалечува луѓето, потенцирајќи го упорно – и пред се – постоењето на разликите меѓу нив. И лажната претства за неможноста тие да суштински да бидат надминати.