Државниот Инспекторат тврди дека „Арцелор Митал“ е трујачот на Вардар

820

Еколошкиот инцидент во реката Вардар, кај Аеродром при што дојде до масовен помор на рибите, го предизвикал Арцелор Митал- Либерти Хаус Груп, информира Државниот Инспекторат за животна средина.

Еколошката катастрофа се случила поради пукање при што дошло до излевање на материјал измешан со железо и киселина без соодветно да биде третиран во системот за отпадни води и обоена  црвеникаво-жолта отпадна вода завршила во реката Вардар, потврдија од инспекторатот.

„Од правниот субјект Арцелор Митал преземен од Либерти Хаус Груп, Државниот Инспекторат за животна средина беше писмено известен дека еколошкиот инцидент кој се случи на ден 22.09.2019 година е предизвикан од нивна страна, каде во работните простории на компанијата е дојдено до пукање при што е дојдено до излевање на материјал измешан со железо и киселина без соодветно да биде третиран во системот за отпадни води, при што е предизвикано излевање на видно обоена  црвеникаво-жолта отпадна вода во реципиент река Вардар во утринските часови на ден 22.09.2019 год.

Сите наводи се констатирани со инспекциски надзор на лице место со Записник за констатација, по што во постапката ќе следи соодветно решение во законскиот рок, а по добивањето на деталниот извештај за причините кои доведоа до инцидентот, ќе се постапи согласно законските прописи и јавноста повторно ќе биде информирана за водењето на понатамошната постапка“, соопштија од Државниот Инспекторат за животна средина.

Во јавноста се огласи и компанијата Либерти Скопје, која преку соопштение објаснува дека станува збор за технички инцидент кој се случил на линијата Лужилница:

„Либерти Скопје го пријави до надлежните органи техничкиот инцидент кој се случи на линијата Лужилница.Ние спроведуваме сеопфатна истрага за настанот. Тесно соработуваме со надлежните органи и претставниците на заедницата за да ја разбереме причината за инцидентот.“

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...